Министерство за здравство денеска распиша оглас во Бирото за јавни набавки за Мерење на задоволството на пациентите и евалуација на квалитетот на здравствените услуги.
Како што стои во огласот за прибирање на понуди, станува збор за услуги за истражување на пазарот и на јавното мислење на граѓаните што треба да го изработи група на оператори.
Заинтересираните може да аплицираат до 4 јули кога ќе бида отворена тендерската документација. НОВА побара објаснување во Министерството за што конкретно се работи и на кој начин ќе го мерат задоволството на пациентите, но не добивме одговор.
Неофицијално, од извори во Министерството дознаваме дека се бара фирма која ќе врши теренско истражување со кое ќе се покаже степенот на задоволството на пациентите од условите во болниците и услугите и односот на медицинските сестри и лекарите.
Ова во медицинските кругови беше сфатено како уште еден вид на притисок кој им се врши во последно време.
-Освен што министерот Тодоров се појавува ненајавено за време на дежурства, праќа инспекции при крај на работно време, го мери сработеното со бодовници кои не се применливи во пракса сега ќе прави и истражување кај пациентите изјави лекар кој инсистираше да остане анонимен.
Пациентите се рамнодушни на новиот проект на Тодоров.
-И така здравството е во катастрофална состојба, а квалитетот на здравствените услуги е опаѓа. Незнам дали ова ќе смени нешто, изјави Бисера Р. пациент на скопските клиники.
Од Министертвото одбија за НОВА да дадат информација колку средства ќе бидат потрошени за оваа јавна набавка, колку вкупно ќе чини истражувањето и кои ефекти се очекува да се постигнат.