Еден од основачите на Движењето за позитивна Македонија, Владо Бучковски за НОВА изјави дека на есен е можна коалиција, односно заеднички настап со ГРОМ, партијата на Стевче Јакимовски и Либералната партија на Ивон Величковски. Евентуалното коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ го отфрла, велејќи дека станува збор за Движење кое е опозиција, но вистинска, не како СДСМ која прави грешка, критикувајќи ја:
– Не постои лиценца за опозиција, на изборите се гледа кој е вистинска опозиција.
Поранешниот премиер од СДСМ кој пред неколку месеци беше исфрлен од оваа партија заради незадоволството и несогласувањето со неговите изјави, порачува дека Движењето ќе внесе промени на ситуацијата во Македонија а го дефинира како силен политички центар, граѓанско, либерално движење. Оттука, тој одбира да коалицира со Стевче Јакимовски и Ивон Величковски, затоа што имаат слични политички платформи и идеи за подобра Македонија.
Основачи на Движењето за позитивна Македонија се Владо Бучковски, бизнис-моќникот Минчо Јорданов и новинарот Љупчо Зиков.