Министрите за надворешни работи на ЕУ денес во Луксембург им порачаа на лидерите на земјите членки во петок да одобрат преговарачка рамка со Србија и да го отворат процесот на “скрининг“ со оваа земја. “Советот му препорачува на Европскиот самит да ја покани Европската комисија без одлагање да поднесе предлог за преговарачка рамка со Србија“, вели заклучокот на министрите денес.
Со тоа Србија ќе го почне процесот според новиот пристап со кој првите поглавија за кои ќе се разговара ќе бидат судството и фундаменталните права, а првата меѓувладина конференција за преговорите ќе биде одржана во јануари 2014 година.
Еврокомесарот за проширување Штефан Филе нагласи дека Европската комисија е поканета да подготви преговарачка рамка без одложување, што потоа треба да ја одобри Советот и да одреди кога да биде формирана Меѓувладината конференција за почеток на преговорите.
-Тоа може да се случи најрано во октомври, а најдоцна во јануари 2014 година. Ако земјите-членки се договорат тогаш Европската комисија ќе биде подготвена и да стартуваме веќе во октомври со фокус на поглавјата 23 и 24 кои се однесуваат на владеењето на правото и на слободата на изразување. Во секој случај, нема други дополнителни услови за оваа земја, изјави Филе.
Истовремено министрите го поздравија напредокот во дијалогот помеѓу Косово и Србија и одлучија да отворат и преговори за Договор за стабилизација и асоцијација со Приштина.
Во заклучоците од министерската средба е подвлечено исто така дека ЕУ очекува и понатаму траен прогрес во нормализацијата на односите помеѓу Белград и Приштина за да може европскиот пат на двете земји да продолжи.