Со најефтиниот лек кој што доби на тендерот на Клиниката за хематологија ќе бидат принудени да се лекуваат болните од леукемија во државата.
Од здружението за Хронична миелоична леукемија известуваат дека на тендерот е избран лекот Имакребин на веледрогеријата Фарматрејд кој е за 163 евра поефтин од лекот Гливек со кој се лекуваа до сега.
Од овој лек кој се покажа како добар во лекувањето, всушност зависат животите на над 70 пациенти во државата.
Станува збор за лекови кои преставуваат скапа терапија во лекувањето, новоизбраниот чини 1737 евра месечна терапија, а досегашниот 1900 евра. Разликата во цената не треба да биде мерило за успешноста во лекувањето потенцираат од здружението.
-Тоа е цената на животите на седумдесетина пациент заболени од Хронична Миелоична леукемија. Полни десет години и требаше на Македонија да го стави на позитивна листа епохалниот лек Гливек кој смртоносната болест леукемија ја стави под контрола. За само три месеца по регистрирањето на копиите на овој лек, Клиниката за Хематологија одлучи за потребите на тешко болните да набави лек кој е копија на досегашниот лек и со тоа да ги доведе во прашање нивните животи изјави Пепо Леви претседател на ова здружение.
Пациентите во неколку наврати досега предупредувааа дека здравствените власти подготвуваат терен да го воведат новиот лек на позитивната листа иако нема препорака од Европската Агенција за лекови- ЕМА и иако е регистриран во неколку европски земји, не се употребува за лекување на болните во ниту една од овие земји.
-Навистина се зачудувачки постапките на надлежните здравствени власти во Македонија. Ако некој сакал да заштеди за сметка на животите на заболените од ХМЛ, тогаш е зачудувачки зошто не го купиле лекот Анзивипот кој во Србија се продава за помалку од 400 евра месечна терапија по заболен. Со овој потег на надлежните државната каса е оштетена за преку 1.100.000 евра, а животите на заболените од леукемија се доведени во прашање. Сето тоа е направено заради некоја минимална заштеда од неполни 140.000 евра на годишно ниво потенцираат од Здружението на болни од ХМЛ.
Пациентите во Македонија кои боледуваат од оваа тешка болест се во хронична фаза и на нив новиот лек не им одговара како избор на лекување. Во новиот лек кој доби на тендерот на клиниката не е содржана хорничната фаза на болеста.