Хигиена која е на незадоволително ниво, медицински отпад кој не се селектира според прописите. Ваква слика затекнале синоќа санитарните инспектори кои ненајвено упаднаа во Клиниката за гинекологија. При вонредниот инспекциски надзор слична ситуација констатирале и на Клиниката за трауматологија каде што општата хигиенско-санитарна состојба не била на задоволително ниво.
„Информираме дека синоќа во вечерните часови, по насока од министерот за здравство, д-р Арбен Таравари, инспектори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат извршија ненајавен инспекциски надзор во пет јавни здравствени установи. Целта на надзорот извршен во доцните вечерни часови е да се увиди дали во континуитет се одржува хигиената и се почитуваат сите соодветни процедури за одржување на условите за пациентите на највисоко ниво. Инаку, со надзорот беа опфатени следните јавни здравствени установи: Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство, Ургентен центар, Трауматологија, Ортопедија и Институт за белодробни заболувања и туберкулоза“, соопштуваат од Министерството за здравство.
Од Санитарната и здравствена инспекција за НОВА потврдија дека инспекторите синоќа ненајавено посетиле пет клиники со цел да се види како во ноќните смени се одржува хигиената, какви се санитарно техничките услови, дали вработените се на работните места, се пуши ли во објектите и дали има поплаки од пациенти и да се уочи како да се подобрат условите.
“Има техники недостатоци , стари објекти, оштетени згради и тука се дадени препораки, а ќе има и решенија и укажувања што да се направи“, велат во ДСЗИ. Од таму појаснуваат дека вонредни инспекциски контроли не се ништо невообичаено и дека тие не земале брисеви од просториите и предметите бидејќи тоа се прави во редовните надзори.
Од Министерството за здравство велат дека во моментов преземаат мерки за отстранување на констатираните недостатоци.