Тогаш кога Талат Џафери се обрати на Илинден, како претседател на Собранието, тогаш кога го цитираше Крушевскиот манифест, да, токму тогаш се сруши светот, се струполи со сета сила врз гневните, задушените, осакатените од друг допир, здив и лик, оние кои гордо се нарекуваат себе националисти.
Што рече Џафери, тогаш кога потсети дека во Манифестот се втемелени мултиетничкиот, мултикултурниот и мултиконфесионалниот карактер на нашата држава :
“Елате браќа муслимани при нас, да тргниме протиф вашите и наши душмани! Елате под бајрако на „Афтономна Македонија. Македонија е заедничка наша мајка и викат за помош. Елате да скршиме синџирите на ропството, да се куртулиме от маки и страданија. Мили наши комшии, како Турци, Арнаути елате при нас браќа, да си слејме душите и срцата и да се спасиме, та ние и нашата чељат и пречељат да живеат мирно, да си работат спокојно и да напредуваат“.
Тогаш, тој ден беше најтешкиот за оние кои живеат во параноја, како што ги дијагностицира Данило Киш, оние кои имаат опсесија, како што вели Орвел, оние кои се преплашени од поинаквите од себе, оние кои се родиле за да станат живи мртовци затоа што одлучиле да се пикнат во себе, во сопствениот мрак и лудило.
Оние чии очи сјаат со мизерен бес во оној момент кога ќе спомене поинакво име, невообичаено за нивната паланка, нивното племе, тоа се оние примитивци кои избезумено се развртуваат ако слушнат друг јазик, погледот кога ќе им сопре на поинаков од нив лик, кој, колку тие не знаат дека всушност токму нивниот сопствен лик е карикатурален, бесмислен и убиствен, затоа што само така изгледа национализмот.
Некаде имам прочитано дека нашиот вистински национален идентитет е човечноста, после сме се друго, доколку одбереме и навистина инсистираме на поделби и различности, тогаш кога не раздвојуваат и пресекуваат на половина.
Тоа е лекцијата која ја одржа Талат Џафери тогаш кога националистите ги затворија ушите и очите за да не го гледаат и да не го слушаат тогаш кога ги потсети на историјата, наша, а тоа значи само заедничка, се разбира. Тоа е таа лекција која Џафери ја соопшти, зарем навистина не знаат оние кои се потпишуваат како националисти дека не постојат чисти народи, нации, култури, јазици, идеологии, држави, чисти во фашистичка смисла, како кога убијците си ги мијат рацете долго, предолго, затоа што да се биде чист и блескав, зарем не е најважно откако ќе се убие претходно?
Нашиов убиец, нашиов националист, ден претходно мораше да ги затвори ушите за да не слушне сличен говор на оној на Џафери- “Зарем да војуваме”, рече бугарскиот премиер Бојко Борисов тука во Скопје, кога го потпишуваше Договорот за добрососедство со македонскиот премиер Зоран Заев: “Зарем не војувавме доволно, зошто сега да не славиме заедно ист празник, Илинден, поради војните дојдовме до тука, да станеме најбедното место во Европа”.
Како вели Беса Арифи во нејзината последна колумна – “не им успеа, тогаш кога се говореше за ноќи на долгите ножеви, за клетите Шиптари, за земање на судбината во своите раце”.
Ништо од ова не се случи, не заплака Кипот на слободата, не се распарчи од тага Цар Самоил, остана свет и гробот на Гоце Делчев, уште живеат Илинденците, тогаш кога им се поклонуваа Заев, Борисов и Џафери, затоа што национализмот мора да го прогласиме мртов, ако сакаме заедно да продолжиме да живееме.