Откако прочитав дека Дарко Лешоски станал претседател на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, компјутерот сам се отвори, претходно лутав во темнина. Затоа што беше ионака се околу колумнава на тенок конец, темите пливаа и се одбиваа, се додека не дојде таа вест, на која и аплаудирам, додека не ми помодрат прстите и не се искршат, затоа што само така може да се престане да се биде предадена публика, посветена на уметноста, чиста и проста како македонска песна.
Се движиме бескрајно, со неподнослива леснотија, безгрижно и занесено по некаква траекторија, се разбира дека мислиме дека е вистинскиот пат, а во тој зацртан правец, каде нема скршнувања, нема изненадувања, нема ништо повеќе од она што го знаеме, нема учители по патот, нема ни патокази, ги има само оние вечни фабрички оџаци кои ќе не задават, кои нема да ни дадат да дишеме, кои не удираат и од темел, од најмалото прсте на нозете не стопуваат со сивилото.
Кога прочитав за Лешоски, најмногу ми олесна што веќе нема назад, нема не само овој пат, туку веројатно и никогаш, да се сети некој на писателот Петар Андоновски.
Претпоставувам дека Андоновски не го знаат сите овие милион и пол луѓе што преостанаа во оваа земја, која инаку по дефиниција- мислам на Струшките вечери, би требало да знае, макар магловито, макар залутувала одвреме-навреме, но сепак, не би ја потценила- понекогаш многу добро знае што е поезија, литература, уметност, онаа поинаква точка заради која вреди да се живее.
Се разбира, Петар Андоновски се нема прославено со Фејсбук поезија, со статуси и шегобијни постови, што по автоматизам значи дека е надвор од каква било сериозна конкуренција да помисли некој, некаде, случајно, додека на нешто сосема друго мисли, да му прелета неговото име, но толку кратко, што веднаш ќе го заборави, како да не било ништо, како да е неважно, затоа што и е.
Тоа е најневажното, здодевно, премногу сериозно делува, затоа и се избегнува тој миг кога мора да се мисли, кога треба да се замисли и помисли, тоа претставува напор, ужас, да помислите на врвен талент, нешто како богатство кое морате да го надгледувате, да не го пуштате, како главниот лик на полскиот филм “Ида” со коските на своите родители, кои, а што очекувавме поинаку сите, мораше повторно да ги остави во некоја дупка, но овојпат, таа е онаа која е нејзина чуварка и бранителка.
Што да се каже за Петар Андоновски, толку е здодевно да се куцка по тастатурава, секако дека нема ништо значајно околу него, заради што се умира а не останува тапа болка после се.
Не ме засмејувајте, никако не е е важно што ги има напишано едни од најубавите, највредните дела во историјата на македонската литература, најмалку е значајно што има добиено по некоја награда, ништо значајно, се е тоа ништо заради што не може да се преживее.
Лидија Димковска и Гоце Смилевски
На ист начин можеме да продолжиме да живееме и без врвната писателка Лидија Димковска, тука, во овие височини за кои говорам е и Гоце Смилевски, конечно сите овие се најневажните уметници, интелектуалци заради кои не вреди ниту уште една буква повеќе во овој текст, во кој било текст.
Тие не се нашиот идентитет, тие немаат ништо заедничко со нас, тука сите се сложуваме, тие се надвор од фабричкиот оџак кој никогаш нема да не оддува, ние никогаш нема да можеме да побегнеме од тука, од ова сивило, од грдосијата на оваа земја, од збор-два кој има да го каже понекогаш Буковски:
Поезија
Треба многу очај
незадоволство
и разочарувања
за да се напишат неколку добри песни.
Не е тоа за секој
било да ги пишува
или дури и
да ги чита.
Чарлс Буковски