Премиерот Никола Груевски во вториот дел од интервјуто за порталот Нетперго нападна владиката Пимен после критиките од страна на владиката за насилствата во Општина Центар:
– Сум слушнал за тоа дека во времето кога претседател на ВМРО ДПМНЕ беше Љубчо Георгиевски, владиката Пимен, тогаш под неговото крстено име бил активист во младинската организација. Но, не сум слушнал дека е поддржувач на ВМРО ДПМНЕ откако е дојдено новото раководство во 2003-та со новите политики кои ги донесе.
Напротив, имам чуено дека самиот ја истакнувал неговата блискост и подршка на Заев, што беше јасно кажано и во неговите интервјуа, каде посочуваше дека МПЦ во Струмица има многу поблиска соработка со СДСМ, отколку со ВМРО, што е нормално право на слободен избор.
Како и да е, мислам дека владиката Пимен меѓу другото имаше проблем што повеќе години е владика во синодот на МПЦ, а многу малку луѓе тоа го знаеја, и очигледно анонимноста го оптеретувала. Мислам дека на човекот му недостасуваше визибилност, пошироката јавноста да го запознае, па кога ја виде оваа шанса да го направи ова на наш грб, не се симна од медиумите под контрола на опозицијата цела недела.
Којзнае колку бил среќен што конечно смислил причина некој да го даде на телевизија. Па дури почна да раскажува со кого што зборувал по кафичи. Несериозна работа. Не ми личеше ни на поп, ниту на владика, кога ги прераскажуваше кафански муабети на телевизија, кој во кафана што му кажал, и што во кафаната овој му одговорил. Но, негово право е тоа. И негов избор.
Потоа, побара да се види со мене, а јас поучен од искуството на многумина дека човеков секој кажан збор го објавува по социјалните мрежи. одлучив да не бидам предмет на неговите општења со јавноста по Фејсбук и на медиумите за тоа кој што му рекол и што тој му одговорил, претпоставив дека и таа средба ќе биде дел од неговите наредни интервјуа, и фејсбук комуникации, во смисла на неговите обиди да излезе од анонимност.
Сепак ќе потенцирам една работа, не ме убеди во она што најмногу сакаше да ја убеди јавноста. Во неговата принципиелност во ставовите. Дури напротив, за прв пат видов за каков непринципиелен и неискрен човек станува збор. За се што очигледно е непринципиелно и не му одговара бега од одговорите со нејасни одбегнувачки одговори.
Кога некои медиуми му поставија прашања за некои непринципиелности на личности и нивно однесување, а кои се од неговото опкружување, за состојбите во МПЦ за кои веќе и јавно се говори, плашејки се дека искрениот одговор ќе може да му наштети, си ја „собра опашката“ и избега од конкретен одговор. Заборави и на принципи, и на верници, и на Господ и на се’. Кариерата внатре во МПЦ му стана одеднаш поважна од принципите.
И конечно, мислам дека во него беше насобрана некоја фрустрација, можеби делумно заради неговиот третман во МПЦ, за кој од самиот него знам дека не беше според неговите очекувања во минатото, а се чини и кон нас како политичка гарнитура, согласувајки се со Вас, дека иако не не спомна, беше доволно јасен дека се обраќа на нас. Не е ни прв ни последен, кому секогаш кога сме можеле сме му помагале, а ни вратил со „дрва и камења“ во прва наредна прилика. Таков е животот, и некои луѓе, вели премиерот.




