Република Македонија ниту имала намери ниту дала инструкција, ниту извршила разузнавачки дејства против некој сосед ниту е размислувано во таа насока. Институциите работат согласно законот за заштита на уставниот поредок, рече денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров, на прес конференцијата посветена на ситуацијата што настана откако официјален Белград го повлече персоналот од Амбасадата на Србија во Македонија, поради како што изјавија „докази за офанзивни дејства врз институциите на Србија“.
Тој истакна дека македонските граѓани добро знаат што значи прислушувањето, алудирајќи на аферата со „бомбите“ што ја обелодени тогашната опозиција, сега на власт.
Димитров рече дека уште во саботата веднаш по добивањето на нотата од Амбасадата се обидел телефонски да разговара со срспкиот министер за надворешни работи Ивица Дачиж, но тој не одговорил, и до денеска таква комуникација не е воспоставена и покрај барањата од македонската амбасада во Белград. Но Димитров рече дека, според најавите, таков разговор би имало утре.
– Суштината во пристапот на оваа Владата кон соседите е решавање на проблемите, наспроти создавање, односно политика на отворени врати и решенија, со нов отворен и конструктивен пристап кон соседите, рече Димитров.
На новинарско прашање, да објасни што значат изјавите на српските претставници дека „знаат се и што се договарале и што договориле“, Димитров рече дека преку Амбасадата во Белгард е побарана официјална информација и дека не сака на вакви теми да говори со шпекулации.
-Граѓаните на Р Македонија и на Р Србија во името на сето тоа што не врзува, на заедничката европска иднина кон која сте стремиме заслужуваат за вакви теми да не се говори врз база на шпекулации и затоа дијалогот е многу важен. Ние преку нашата Амбасада во Белград побаравме официјална информација за настанот и ќе биде лошо ако носиме одлука врз основа на шпекулации. Се надевам дека и ние ќе дознаеме што е тоа, рече Димитров.
На објаснувањето на српските власти дека се работи за „офанзива врз институциите на Србија“, Димитров рече дека единствената офанзива е развивање на пријателство на Балканот и дека е убеден оти ќе успееме заедно во тоа.
Тој апелираше на трпение и во однос на наводите од Белград дека се работи за вмешаност на странски фактор, укажувајќи дека македонските власти очекуваат официјална информација, која ќе ја анализираат, а потоа и ќе ја соопштат на јавноста, бидејќи како што рече шпекулациите без информации можат само да наштетат.
-Време е ние на Балканот да излеземе од традиционалните перспективи на закопани во ровови и да покажеме дека е 2017 година, рече Димитров, посочувајќид ека токму Договорот за добрососедство со Бугарија е инспирација за тоа.
Бидејќи во јавноста се наметна дека токму прашањето на наводна поддршка на Македонија на членството на Косово во УНЕСКО е една од причините за ваквиот потег на Србија, Диитров рече дека Македонија не е во ситуација да има некаква водечка улога во тоа, но при одлуката за ова прашање ќе ги има предвид и интересите на Белград и на Приштина и на Република Макединија.