ВМРО-ДПМНЕ мора да се демократизира доколку сака да победи на идните избори, порачаа реформаторите на ВМРО-ДПМНЕ.
Тие ја презентираа декларацијата за демократизација и модернизација на партијата која како што велат не може да продолжи на чело со корумпиран лидер за кој се водат бројни истраги.
Осумте столбови на Декларацијата „Европско ВМРО-ДПМНЕ за европска Македонија“ се: одговорно управување, слободен човек и општество, култура на законите, политички дијалог, интеграција во ЕУ и НАТО, економски развој и претприемништво, развој на образованието и културата и здрава нација.
– Оваа Декларација ги поставува темелите на новото реформирано и подобро ВМРО-ДПМНЕ. Сите натамошни дејствувања, програми и конкретни проекти ќе се темелат на принципите содржани во оваа Декларација, рече на денешната прес-конференција Александар Михајловски од Иницијативата.
Оваа Декларација, како што рече, покажува колкави се разликите во политиките на актуелното раководство на партијата и политиките кои ќе ги спроведува реформираното ВМРО-ДПМНЕ.
– Нивната досегашна политика е политика на изолација, на барање на внатрешни и надворешни непријатели, на ширење на анти ЕУ и анти НАТО пропаганда, лажен патриотизам и лажни вести во кои се шири параноја и страв кај граѓаните. Ние треба да расчистиме со тие политики бидејќи доколку ВМРО-ДМНЕ не се реформира, никогаш нема да се врати на власт. Ние имаме лидер со одземен пасош, изолиран од меѓународната заедница и човек за кого се водат судски постапки. Со кој капацитет тој ќе го води ВМРО-ДПМНЕ во иднина, како ќе настапи на локални избори со таков багаж, рече Михајловски.
Тој истакна дека се уште немаат став во однос на тоа како ќе настапат на локалните избори, односно дали ќе поддржат одредени кандидати за градоначалници и советници предложени од сегашното раководство. Само кусо рече дека кога ќе имаат став по тоа прашање ќе го соопштат на јавноста.