Пациентите со леукемија на кои министерот за здравство, Таравари им вети дека ќе им го набави неопходниот лек веќе трет месец чекаат да ја добијат терапијата. Станува збор за пациенти со хронична миелоична леукемија на кој не им делува лекот кој се наоѓа на рецепт и треба да примаат лек од втора линија.
Околу 40 пациенти се оставени без лекови и примаат терапија која не е соодветна, не дава позитивни резултати во лекувањето поради што постои опасност од влошување на состојбата, дури и смрт велат од Здружението на пациенти со ХМЛ.
„Пациентите се разочарани тие секој ден се јавуваат, прашуваат кога ќе стигнат лековите. Во моментот примаат терапија која не им делува соодветно поради што може да им се влоши состојбата, да дојде и до смртен исход“, изјави за НОВА, Пепо Леви претседател на Здружението на пациенти со ХМЛ.
Само што седна во министерската фотеља, веднаш по објавување на сторијата на НОВА, министерот Таравари вети дека 20 пациенти болни од леукемија најдоцна за три месеци ќе ја одбијат терапијата од втората линија на лекови и еден пациент од третата линија.
Средствата од половина милион евра на годишно ниво се обезбедени во Агенцијата за лекови, а договорот се одвиваше меѓу министерот Таравари и екс директорката на Агенцијата за лекови, Марија Дарковска.
НОВА го праша новиот директор Роберт Бекироски каде застана процедурата, на што тој одговори дека од како е дојден на директорската позиција од почетокот на август, него никој не го контактирал да го извести за ваквиот договор.
„Мене никој не ме известил ништо за ова. Не знам за што станува збор“, изјави кратко за НОВА Бекироски.
Од друга страна министерот Таравари тврди дека процедурата е во тек и дека пациентите треба да го добијат неопходниот лек.
„Во тек е процедурата за набавка на лековите“, изјави Таравари.
Каде застана процедурата за тендерот за лекови за тешко болните од леукемија?
Во Здружението на пациенти со ХМЛ тврдат дека уште во јули додека била претходната директорка, на веб страната на Агенцијата бил објавен документ за технички дијалог кој претходи на процедурата на секоја јавна набавка. Од таму тврдат дека Советот за јавни набавки го одбил овој документ со образложение дека треба да се наведат и други клаузили во него заради допрецизирање и поголема сигурност за квалитетот на лековите.
„Сега Агенцијата за лекови треба да направи нов технички дијалог за тендер за да може да продолжи процедурата“, објаснува Пепо Леви.
Што ќе се случува понатаму, кој е начинот за пацинетите да ги добијат неопходните лекови, дали новиот директор на Агенцијата навистина не знае ништо за оваа толку ургентна набавка, останува да се види. Сега распишувањето на тендерот е доведен во прашање бидејќи е предизборен период и не може да се распишуваат нови јавни набавки.