Под мотото „Генерален штрајк – луѓе сме, а не бројки“ денеска вработените во јавниот сектор и железницата во Грција ги напуштија работните места.
Штрајкот e организиран од двата големи синдиката во земјата, се оддржува непосредно пред планираното гласање во парламентот во Атина, со кое треба да се одобрат барањата на меѓународните донатори.
До крајот на 2014 година предвидено е да бидат отпуштени 15.000 државни службеници, 4. 000 од нив уште оваа година. Освен ова треба да биде воведен данок за луксузни автомобили и за куќите со базени.
Грчкиот парламент синоќа гласаше пред судот да биде изведен поранешниот министер за финансии Јоргос Папаконстантину, обвинет за фалсификување на ткн „листата на Лагард”, односно списокот со влијателни личности и грчки политичари кои имаат сметки во странски банки.
Во случајот „листа Лагард” против поранешниот министер Јоргос Папаконстантину беа подигнати две кривични дела, за злоупотреба во службата и фалсификување на документи и за повреда на одговорноста.
Папаконстантину беше министер за финансии во периодот од 2009 до 2011 година, кога Грција дефакто банкротираше и беше принудена да побара финансиска помош од Европската унија (ЕУ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Поранешниот министер е обвинет дека во 2010 година не спровел истрага откако од Кристин Лагард, тогашна министерка за финансии на Франција и актуелна извршна директорка на ММФ, добил список со имињата на богати Грци коишто имаат сметки во швајцарската филијала на банката HSBC и од листата ги отстранил имињата на неговите роднини. Во декември 2012 година поранешниот министер беше исклучен од неговата партија ПАСОК, а во јануари 2013 година пратеници гласаа за спроведување парламентарна истрага против Папаконстантину.