Ермира Асани Салија ќе биде нов член на ДИК. Претседателот на собраниската комисија Илија Димовски јавно му се заблагодари на Бедредин Ибраими за досегашниот ангажман и како што рече коректната соработка, откако постигнаа договор. Сепак членовите на комисијата тврдат дека со назначувањето на новиот член од БЕСА автоматски му престанува мандатот на Ибраими во ДИК.
– Да се заблагодариме на досегашниот ангажман на Бедрадин Ибраими, кој поминал на повеќе фунции и активен на политичката сцена од 90-тите години, не е од овиемодерните борци за албанските права. Тој е основоположник на борбата за правата на Албанците во Македонија – изјави Илија Димовски.
Антикорупциската комисија денеска го одби како неоснован приговорот на Бедредин Ибраими кој минатата недела јавно порача дека ќе ги брани своите права со сите правни лекови. Тој тврдеше дека со јавниот оглас за нов член на ДИК е прекршен Изборниот законик.
– Упатеното барање за мислење од страна на Ибраими до ДКСК е преурането бидејќи се уште нема настапено повреда на членот 8-а. Антикорупциската комисија нема надлежност да дава толкување на законските прописи и нивна меѓусебна усогласеност – се вели во објаснувањето од антикорупционерите.
– Се работи за едно рационално право на политичките партии да го определуваат персоналниот состав на членовите на ДИК кој е изразено преку одредбите на Изборниот законик. И тука нема никаква повреда од страна на Собранието. Постои измени и дополнувања со кои тоа е уредено и засега никаде не наидовме на податок дека подносителот е разрешен или дека му е ускратено некое негово право – според Горан Миленков.
Измените во Изборниот законик подносителите во Собранието ги образложија со тоа што Беса е четврта партија според бројот на пратеници во законодавниот дом и дека членовите на ДИК треба да го одразуваат реалниот број и распоред онаков каков што е и во Парламентот.
Салија е дипломирана правничка од Гостивар и членка на Централното претседателство на партијата.





