Млада трудница во четвртокот навечер била донесена на Клиниката за гинекологија откако матичниот гинеколог и дал вагиналети за да го умртви бебето кое било во осмиот месец на бременоста. Бебето веднаш починало, а лекарите одвај успеале да го спасат животот на трудницата, дознава НОВА од извори на клиниката. Вагиналетите кои и ги дал матичниот лекар не биле регистрирани за употреба во државата.
Информацијата ја потврди директорката Викторија Јовановска.
„Точно е, екипата вложи надчовечки напори за да ја спаси трудницата, постоеше опасност и таа почине. Бебето почина веднаш“, изјави кратко за НОВА Јовановска.
Таа тврди дека знаат за кој гинеколог станува збор и дека случајот го пријавилe во Министерството за здравство и во Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Не е познато дали случајот е пријавен во МВР и дали ќе се поведе истрага против гинекологот. Неофицијално, младата бремена девојка од гинекологот побарала начин како да се ослободи од бебето бидејќи имала семејни проблеми.