Премиерот Зоран Заев, денеска од Тетово соопшти дека е донесена одлука да се набават нови инкубатори од заштедите од 200.000 евра кои се направени по основ на прекинување на договор за реклами и кампањи на CNN и укинување на други трошоци кои ги користела претходната власт.
– Се заедно обезбедивме 200.000 евра. Почнавме постапка пред Бирото за јавни набавки, да ни дадат согласност и со сите овие пари ќе купиме 20 нови инкубатори. Ќе ги поклониме како Влада на Министерството за здравство и на Клиниката за гинекологија и акушерство, од коишто 15 ќе одат на Клиниката за гинекологија, а 5-те ќе одат во болници низ Македонија. Преку интервенција од заштедените пари решаваме едно вакво горливо прашање. Јас верувам дека медицинскиот персонал прави се што треба да прави, но знам и дека и граѓаните знаат дека тоа е рефлексија на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Тодоров кои во минатото се фалеа со огромни суми, стотици милиони евра за опрема во здравството, а останала гинекологија без неопходниот дел пропишан по прописи и закон во вкупен број на инкубатори за дечињата – изјави Заев во Тетово.
Тој додаде дека по стандард треба да има 50 инкубатори, а има само 20 кои не се целосно функционални и упати јавно прашање, каде отишле 100 милиони евра кои биле најавени за опрема.




