Празно и без никакви најави за излегување пред јавноста, вака е вечерва во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Единствени присутни се новинарите. Тие и ТВ екипите влегуваат без проблем во седиштето на партијата во центарот на Скопје, невообичаена пракса во оваа партија којашто имаше сериозни протоколи за влез и излез.
На портирницата има еден човек, не може да се забележи никакво обезбедување ниту движење на некои од партиските членови. Надвор пред влезот на големиот видео ѕид одат вестите на телевизијата ТВНОВА во живо.

Изминатите денови кружат шпекулации дека во ситуација на пораз, поранешната владејачка партија која речиси една декада симболизираше безкруполозна моќ, ќе се одлучи да не ги признае изборните резултати да прогласи бојкот. Овие шпекулации уште повеќе се подгреаја откако во петокот, непосредно пред почетокот на изборниот молк, ВМРО-ДПМНЕ најави народна стража пред гласачките места, став кој се протолкува како закана по стабилноста.
СДСМ веќе одржа една многу куса прес конференција на којашто само констатираа дека изборите поминале мирно и слободно.