Не само Клиниката за гинекологија простор за чување и архивирање на документите плаќале 17 клиники, тврди поранешната директорка на Клиниката за гинекологија, Марија Хаџи Лега која во моментот е на боледување. Скоро сите скопски клиники тонат во долгови и редовно кубурат со основни медицински материјали и лекови.
НОВА ја побара поранешната директорка за да објасни зошто во ситуација кога клиниката кубурела со медицински материјал, инкубатори, кревети, за четири години за оваа намена се одлеале скоро 120 000 евра.
Хаџи Лега вели дека на клиниката немало простор за да ги сместат административните документи и медицинските досијеа и затоа одлучиле да ги доверат на фирма специјализирана за тоа. Според неа, целокупната документација при селењето во новата зграда останала во стариот објект, така што кога требало да се урива зградата на старата гинекологија немале каде да ги сместат документите.
„Со оглед на тоа што за чување на болничката документација е потребен простор од 500 метри квадратни, а ние во новиот објект го немавме, се одлучивме на ваков чекор. Постои можност болничките истории за пет до 15 минути да се достават на клиниката. Одлуката беше имплементирана во дел од планот за јавни набавки и усвоена од Управниот одбор. Тоа не е ништо ново и го практикуваат речиси сите европски земји и 17 клиники кај нас“, изјави Хаџи Лега за НОВА.
Хаџи Лега тврди дека сумата која клиниката ја давала за чување на документите изнесува 80 000 евра без ДДВ, а не 120 000 евра.
Од сајтот на Бирото за јавни набавки се гледа дека клиниката во октомври минатата година склучила двегодишен договор во износ од 3 516 000 денари(57 170 евра) за закуп на простор за архивирање и чување на документи во електронска и пишана форма. Годишно на Трговско друштво за канцелариско административни дејности „Инбох“ ДООЕЛ му била исплаќана сума од 1 758 000 денари(28 585 евра), а за четири години оваа сума изнесувала речиси 120 000 евра.
Новата директорка Викторија Јовановска смета дека ова е непотребен трошок кој го правела клиниката во ситуација кога на клиниката нема основен медицински материјал, кревети, ноќници за пациентките, инкубатори, респиратори, монитори, инструменти во операционите сали.
„Ние сакаме да го раскинеме договорот со фирмата но, прво треба да се види дали е тоа возможно за да не плаќаме пенали. Клиниката нема потреба да плаќа фирма која ќе ги чува документите бидејќи имаме простор за тоа во подрумските простории“, изјави вчера Викторија Јовановска директорка на Клиниката за гинекологија.
Годишниот буџет на клиниката е околу седум милиони евра, а и двете и претходната и сегашната директорка сметаат дека не е доволен за да се покријат потребите. На клиниката нема доволно медицински материјал, кревети, инкубатори поради што по две бебиња се сместуваат во еден инкубатор.
Само во првите девет месеци таму починале 127 новороденчиња, а минатата година дури 184 новороденчиња, што е двојно повеќе од претходната година.