Канцеларката Ангела Меркел синоќа изрази жалење поради неуспехот на преговорите за состав на владејачка коалиција во Германија.
Таа изјави дека денеска ќе се сретне со претседателот Франк-Валтер Штајнмаер кого ќе го информира дека не успеала да се договори за владејачка коалиција со Слободните демократи и Зелените.
Одлуката на Меркел да се сретне со шефот на државата, кој има надлежност да свика нови избори, веројатно е знак дека таа нема да се обиде да предводи малцинска влада со Зелените.
– Тоа е ден за длабоко размислување што да се направи за напредок во Германија. Како канцелар ќе направам се што е можно нашата земја да биде добро управувана во тешките недели кои претстојат, истакна Меркел.
Претходно лидерот на Слободните демократи, Кристијан Линднер изјави дека тие се повлекуваат од преговорите, нагласувајќи дека „подобро е да не се владее, отколку да се владее лошо“.
Тој додаде дека било невозможно да се најде заедничка основа за преговори за состав на т.н. коалиција „Јамајка“.