Вкупно 4,6 милијарди американски долари од 2001 до 2010 година се одлеале преку нелегални трансакции надвор од Македонија, процени последниот извештај на “Глобал Фајненшл Интергрити” објавен пред неколку мецеси кој ги анализира сите земји од Западен Балкан.
Но, „Глобал Фајненшл Интергрити” сега се здружуваат со институтот „Адријатик“ од САД и во денешната најава за соработката ги објаснуваат мотивите зошто со здружени сили ќе ги истражуваат корупциските шеми на сметка на осиромашувањето на граѓаните на Балканот.
-Македонија загуби 4,6 милијарди долари во периодот меѓу 2001-2010 преку криминал, корупција и даночно затајување од политичари, владини официјални лица. Тоа е голема бројка. Се работи за 44 проценти од бруто домашниот производ во 2011-та, вели во интервју за Гласот на Америка претставничката на овој институт, Наташа Срдоч.
Според извештајот кој ги истражува нелегалните одливи на пари од земјите во развој, најголем дел од парите или три милијарди долари се одлеале во 2007, 2008, 2009 и 2010, односно последните четири години опфатени од истражувањето.
Оваа табела го прикажува одливот на пари преку нелегални канали од Македонија во земјите како Маршалски острови, Сејшелски острови, Панама, Кипар, Винсент и Гренадин, Швајцарија и други.
Вкупната сума на одлеани пари од Балканот изнесува 116,6 милијарди долари. Србија е во топ дваесетте земји во светот по трансфер на пари преку нелегални канали. Од оваа соседна земја од 2001 до 2010 се одлеале вкупно 51 милијарда долари. По неа следува Турција со 28, 9 милијарди, Бугарија со 15, 8 и Хрватска со 15, 2 милијарди долари. Најмал одлив има од Албанија или 1, 3 милијарди долари за цела деценија.
Според авторите на ова истражување трендот покажал дека во последните години, односно од 2009 па наваму сумите уште повеќе се зголемуваат.
-Преку облици на криминал, корупција и даночно затајување, мито, има илегално одлевање на пари во различни банки. Мора да се стори нешто за ова. Бројките се шокантни. Тоа значи, помалку пари за образование, здравствена заштита, инфраструктура, пензии. Инвеститорите со чесни намери го одбегнуваат регионот, знаејќи дека нема владеење на правото, независност на судството и заштита на сопственичките права, вели Наташа Срдоч.
Погледнете го целото интервју со Наташа Срдоч од институтот „Адријатик“ дадено за Гласот на Америка.