Новиот извештај објавен денеска од УНХЦР, Агенцијата на Обединетите нации за бегалци, во третата четвртина од 2017 покажува промени во рутите што ги користат бегалците и мигрантите за да стигнат до Европа.
„За време на последните месеци, морската рута до Грција забележа повеќе движење, морските пристигнувања во Италија се намалија, а забележавме дека мигрантите и бегалците користат сè поразлични начини да стигнат до Европа,“ рече Паскал Моро, Директорка на европското биро на УНХЦР.
Бројот на поморски преминувања од Либија до Италија се намали, при што околу 21.700 луѓе пристигнаа по море во Италија помеѓу јули и септември, што е најнискиот број за овој период во текот на претходните четири години.
Според извештајот, за време на третата четвртина од годината, зголемен дел од луѓето кои пристигнале во Италија тргнале од Тунис, Турција и Алжир, а трите 2 најбројни националности кои пристигнале во Европа преку средоземноморската рута биле од Сирија, Мароко и Нигерија.
Во Грција е забележан пораст во бројот на лица кои пристигнале преку море и преку копно од летото навака. Во септември, околу 4.800 лица стигнале до нејзиниот брег, а тоа е највисокиот број во еден месец од март 2016. Околу 80 проценти од луѓето кои пристигнале по море во Грција се државјани на Сирија, Ирак и Авганистан, од кои две третини се жени и деца.
Во исто време, во Шпанија е забележано зголемување од 90 проценти на бројот на лица коишто пристигнале преку копно и море за време на третата четвртина од 2017 споредено со истиот период минатата година. Најголемиот број од овие 7.700 лица се од Мароко, Брегот на Слоновата Коска и Гвинеја, но лицата што пристигнале по копно се најмногу сириски државјани.
Извештајот исто така дава детали во врска со преминувањето од Турција во Романија преку Црното Море за време на летото – за првпат од февруари 2015 – како и значителното зголемување на бројот лица пристигнати на Кипар од почетокот на годината.
„И покрај намалувањето на бројот преминувања преку централно- средоземноморската рута, илјадници луѓе продолжуваат да поаѓаат на очајнички и опасни патувања до Европа,“ рече Моро. Таа забележа со голема загриженост дека заклучно со 20 ноември близу 3.000 луѓе се проценува дека се удавиле или исчезнале на море, а за уште 57 лица има информации дека загинале на копнените рути во Европа или на границите на Европа во 2017. Реалните бројки се веројатно повисоки, додаде таа.
Извештајот исто така ја потенцира тешката состојба на многу жени и девојчиња кои се жртви на трговија со луѓе и на повеќе од 15.200 непридружувани и разделени деца кои пристигнале во Европа досега оваа година.
Исто така, тој покажува дека движењата продолжиле во текот на претходните месеци, исто како и известувањата за неформални враќања од неколку земји.
Овие практики треба да се истражат и прекинат, се вели во извештајот.
„УНХЦР продолжува да бара поголем пристап до безбедни и легални патишта до Европа, како преселување во трети земји и соединување на семејства. Исто така е клучно да се осигура луѓето да имаат пристап до азил во европските држави,“ забележа Моро. Многу сме благодарни за придонесите кои Државите ги направија досега, но многу повеќе е потребно за да се одговори на повикот на УНХЦР за дополнителни 40.000 места за преселување кој беше објавен минатиот септември за бегалците кои се наоѓаат во 15 приоритетни земји по патот на централно-средоземноморската рута,“ додаде таа.
Целосниот извештај е достапен на следниот линк.