Десетици илјади луѓе се собраа денеска во Хирошима за да се потсетат на жртвите атомската бомба фрлена врз градот во 1945 година.
Светот да се откаже од атомско оружје, побара градоначалникот Казуми Мацуи.
Точно во 8 часот и 15 минути по локално време, во времето кога пред 68 години американскиот бомбардер ја фрли првата нуклеарна бомба врз јапонскиот град, граѓаните застанаа мирно – минута молк.
Три дена подоцна, на 9 август 1945 година, Американците ја фрлија и втората бомба, врз Нагасаки. Десетици илјади луѓе умреа веднаш, бројот жртви во Хирошима и Нагасаки до крајот на таа 1945 година беше над 200 илјади. Со години подоцна луѓето умираат од последиците на озрачувањето. Употребата на атомски бомби за последица имаше капитулација на Јапонија во Втората светска војна на почетокот на септември 1945 година.
Годинешната манифестација во Јапонија се одржува во време кога владата на премиерот Абе повторно се свртува кон нуклеарките како извор за енергија и заговара ревизија на пацифистичкиот повоен устав на земјата.