Во текот на утрешниот ден треба да стигнат инсулини кои се донација од Ново Нордиск и со нив треба да се покријат потребите за половина месец. Министерството за здравство пак, распишало набавка на инсулини во четири очи иако тендерот важи до наредната година
Донација од инсулини од Ново Нордиск за половина месец ќе ја ублажи инсулинската криза која ја тресе државата од почетокот на месецот. Донацијата е во вредност од над 150 000 евра, а инсулините во текот на утрешниот ден треба да се најдат во аптеките. Станува збор за два вида инсулини од оваа реномирана фармацевтска компанија, иако пациентите останаа без сите видови инсулини од неколку различни производители. Неколку веледрогерии се обврзани да ги увезуваат овие инсулини преку паралелен увоз од Турција.
Нема објаснување од надлежните што се случува со инсулините во државата, зошто пациентите останаа без неопходниот лек. НОВА од свои извори дознава дека здравствените власти купуваат нови инсулини иако тендерот се уште трае, а добавувачите имаат обврска редовно да доставуваат инсулини и да ги имаат на лагер за три месеци однапред.
Минатата недела Министерството за здравство распишало оглас за тендер во четири очи за набавка на 15 000 пенкала инсулин Апидра од производителот Санофи , иако претходниот тендер важи до средината на 2018 година, брифираат за НОВА извори од ова министерството.
Дознаваме дека денеска биле отворени понудите, а на чинот биле присутни претставници од сите веледрогерии кои увезуваат инсулини преку паралелен увоз. Исходот не е познат бидејќи ниту заменик министерот Гоце Чакаровски, ниту директорот на Агенцијата за лекови не одговараат на телефонските повици. Дали на ваков начин, со набавка во четири очи ќе ја решаваат кризата со инсулини за која не е познато како настана. Нема објаснување ниту зошто се држат инсулините повеќе од две недели за контрола, а пациентите останаа без лекот кој за нив значи живот. Нема одговор дали се пронајдени сомнителни инсулини или станува збор за стратегија во која некоја од веледрогериите треба да биде истисната од пазарот, за бизнисот да го добие друг, како што се шпекулира во фармацевтските кругови.
„Доколку некоја веледрогерија не е во состојба да обезбеди инсулини, треба да добие негативна референца и набавките треба да ги добие второрангираниот на тендерот. Таква е законската регулатива. Зошто се распишува тендер во четири очи, навистина е нејасно“, коментираат извори кои се добро упатени во проблематиката.
Согласност за бразилските инсулини дал директорот на Агенцијата за лекови
НОВА минатата недела објави дека се стопирани пратките со инсулини „Левемир„ и „Новомикс 30“ од Ново Нордиск бидејќи, како што објасни заменик министерот Гоце Чакаровски, биле пронајдени три пакувања инсулини од истата компанија произведени во Бразил, кои не се регистрирани во Македонија.
Чакаровски тогаш објасни дека меѓу инсулините со производство од Данска и Германија биле пронајдени инсулини на кои пишувало дека се произведени во Бразил. Тој потенцираше дека веднаш била стопирана цела пратка со инсулини , а сомнителните биле однесени на испитување во лабораторијата на Фармацетскиот факултет.
Иако Ново Нордиск има сајт во Бразил каде што се произведуваат инсулини за одредени пазари, овој сајт не е пријавен во Македонија, а ваквата постапка на надлежните внесе страв кај дијабетичарите. Тие веќе не се сигурни што и како примаат.
Од документите до кои дојде НОВА, се гледа дека бразилските инсулини биле внесени во државата уште во ноември, а согласност за тоа дал Роберт Бекироски, актуелен директор на Агенцијата за лекови(МАЛМЕД).
Извори во МАЛМЕД за НОВА велат дека тоа е првиот влез на овие инсулини кои пациентите веќе ги примиле или стојат во нивните фрижидери, чекајќи надлежните да кажат дали се исправни или не.
Од документот погоре се гледа дека Бекировски ги одобрил бразилските инсулини како да се произведни во Данска, но од сериските броеви на инсулините се гледа дека станува збор за инсулини на Ново Нордиск произведи во Бразил. Тој направил превид во пратката од ноември што го забележал дури во втората испорака на пратката од 7 во декември кога екпресно брзо било издадедо одбрение.
Тогаш е направена промената каде освен Франција и Данска е вметнато да стои и Бразил како земја производител. Она што сега се контролира е всушност втората пратка, првата е веќе во рацете на пациентите. Се поставува прашањето како во ноември се контролирани и пуштени во употреба бразилските инсулини, а за декември се држат стопирани и контролите траат толку долго време. Оваа, втора пратка потекнува од исто место како и инсулините во ноември. Но, поради тоа што е стопирана испораката граѓаните се збунети и не се сигурни во нивната исправност.
Фармацевтски извори велат дека веледрогеријата не можела да ја пријави новата варијација, а производителот не сакал тоа да го направи бидејќи не е увозник бидејќи инсулините доаѓаат преку паралелен увоз од Турција.
Не познато зошто е стопирана дистрибуцијата на инсулините во аптеките кога веќе имале одобрение, ниту дали меѓу нив има сомнителни инсулини. Нема објаснување ниту зошто на резултатите од овие анализи се чека повеќе од две недели, како и дали се направени анализи во странска лабораторија како што беше најавено во министерството. Од МАЛМЕД велат дека анализите се уште во тек. Од таму се оградија за снабдувањето со инсулините за кои велат дека се одговорност на Министерството за здравство.
„Анализите се во тек и ги очекуваме резултатите од истите. Што се однесува на инсулините од Бразил, произведени се од легитимен производител, со фабрика во Бразил. Кај нас претходно не била внесена оваа производствена локација во официјалната документација. Во функција на заштита на правата на пациентите и согласно со законот преземени се и други мерки , побарана е и авторизација на увезените серии од производителот и турската Агенција за лекови. МАЛМЕД е одговорна за квалитетот и безбедноста на лековите. Во однос на снабдувањето треба да се информирате во Министерството за здравство“, се вели во одговорот од Агенцијата за лекови(МАЛМЕД).
Во целата оваа збрка со инсулините настрадаа пациентите кои останаа без лекови. Во Сојузот на здруженија на дијабетичари креваат раменици и не знаат што се случува со инсулините.
„Единствено што ми беше соопштено е дека утре ќе ги има инсулините во аптеките. Кои инсулини точно, од каде се најдени, дали се донација или не, тоа не знам“, изјави за НОВА Бојан Киров, претседател на Сојузот.
Од надлежните нема кој да објасни што се случува со инсулините, дали пациентите се безбедни со постоечките што можеби ги имаат во залиха. Кога ќе ги има сите инсулини во аптеките и зошто се прави набавка во четири очи. Можно ли е веледрогериите да немаат залихи, но и дали нешто е спорно со нивните инсулини. Дали можеби од непознати причини се поништува постоечкиот тендер од паралелен увоз.
На сите овие прашања треба да одговори новиот министер за здравство веднаш откога ќе ја преземе функцијата. Одговори најмногу должи заменик министерот Гоце Чакаровски кој ја презеде оваа функција додека нема министер, точно во време кога се случува и оваа голема инсулинска криза, како и набавката во четири очи.