Постои опасност да запре распределбата на инсулини и вакцини за децата бидејќи возилата со кои се разнесуваат се стари постојано се расипуваат. Само за овие дваесеттина цивилни возила Службата за итна медицинска помош троши четири милиони денари денари годишно за сервисирање, потврдија за НОВА во Здравствен дом Скопје.
„ Фактурите се на четири милиони денари само за сервисирање и поправка на овие возила. Иако не се користат секој ден, постојано се расипува по некое возило. Доколку овие возила застанат ќе запре и доставата на инсулини и вакцини, нема да има медицинска помош за луѓето во руралните места“, изјави за НОВА, Злате Мехмедовиќ директор на Здравствен дом, Скопје.
Но, лекарите кои работат во Службата за итна медицинска помош се жалат дека постојано се расипуваат и возилата со кои одат на терен, а се работи со помалку екипи бидејќи лекарите се повеќе си заминуваат од таму.
„ Уморни сме од работа, а возилата постојано се расипуваат. Во нив нема опрема што ни е неопходна за спасување на живот. Имаме дефицит на функционални возила и на доктори. Тие што останавме работиме и за тие што заминаа. Сабота и недела не ни ги плаќаат. Само 6-7 возила се функционални, друго се е половично и не се сервисираат. Имаме помалку возила од медицински екипи. Тоа е многу малку за Скопје, така страдаат пациентите. Некаде може и да настрадаме од нервозни граѓани поради доцнење “, тврдат за НОВА, лекари кои сакаа да останат анонимни.
Раководителот на Службата за итна медицинска помош, Милица Бубало вели дека располагаат со 21 возило, од кои 14 се купени пред пет години, а останатите се стари. Таа тврди дека Службата во моментот располага со 8 до 9 екипи, поделени во 5 групи. Поради застареноста на возниот парк, што подразбира и почесто сервисирање во одредени моменти може да се случи да има помал број на возила од екипи, вели Бубало.
„ Со моето доаѓање на местото раководител увидов дека службата се соочува со сериозни проблеми и недостатоци кои мора што побрзо да се решат. Тоа се обновување на возниот парк, поправка(доколку е можна и исплатлива) на старите возила, зголемување на бројот на екипите, обновување на апаратурата, како што се нови ЕКГ апарати, дефибрилатори и слично, набавка на униформи на екипите, како и подобрување на условите во просториите во кои што работат и престојуваат медицинските екипи“, изјави за НОВА Милица Бубало, раководитела на Службата за итна медицинска помош.
Во светот ЦПАП, односно континиуран воздушен притисок се користи во итни случаи при срцева слабост или респираторни проблеми и може да спаси многу животи. Кај нас возилата немаат основна опрема. Недостауваат ЕКГ апарати, дефибрилатори и слично.
Директорот Злате Мехмедовиќ, вели дека едно санитетско возило чини 70 000 евра, а за десет колку што имаат потреба, потребни се 700 000 евра, што Здравствениот дом ги нема. Тој најави дека неделава ќе има средба со министерот за здравство Венко Филипче на кого ќе му ги изнесе проблемите.
„Има зголемен обем на работа и затоа потребни се повеќе возила. Очекуваме дека ќе ни се даде помош“, изјави Мехмедовиќ.
Во 2016 година кога претходната власт направи масовни вработувања беа ветени 12 нови санитетски возила. Овие возила Службата за итна медицинска помош никогаш не ги доби.