Движењето на #MeToo, започнато во октомври во САД, со обвиненијата против моќниот холивудски продуцент Харви Ванјштејн, донесе промени и во традиционалниот Светски економски форум (СЕФ) во Давос што заврши во петокот.
За прв пат во 48те години историја на овој состанок на економско-политичката светска елита, организаторите именуваа 7 жени ко-претседателки на СЕФ 2018 година.
Во главно машкиот свет на сакоа и кравати, во СЕФ годинава влегоа 7 моќни жени: Кристин Лагард, генерална директорка на Меѓународниот монетарен фонд, Eрна Солберг, премиерка на Норвешка, Фабиола Џианоти, физичарка и генерална директорка на Европската организација за нуклеарно истражување, Четна Синха, основачка на кооперативна рурална банка Ман Деши Банк во Индија, Џини Ромети, генерална директорка на ИБМ, Шаран Буроу, генерална секретарка на Меѓународната конфедерација на синдикати и Изабел Кошер, генерална директорка на енергетската фирма Енгие.

Според денешното издание на парискиот Монд, учеството на жените на овој Форум постепено пораснало за 21 отсто оваа година. Денес, конференциите на Давос составени само од мажи повеќе не можат да се видат.
«Визуелниот ефект на живи бои што се наметнуваат на досегашните униформи сако-вратоврска беше очигледна. Но содржината на разговорите исто така беше поинаква. Дебатите не беа фокусирани на жените туку врз нивните проекти и аспирации во институциите што ги водат. Темите на конференциите беа довербата, одговорноста, штетите што ги причинува нееднаквоста во светот, неопходноста за се промовира ангажманот во научното истражување», пишува Монд.
Во повеќе панели на Давос годинава за прв пат се зборуваше и за сексуалното вознемирување и неговата распространетост во светот како и начините за борба против овој феномен.
Така, Пеги Џонсон од Микрософт, откри дека 60 милиони вработени во САД, од нив еден дел и во Микрософт, имаат работни договори со клаузула што ги обврзува секоја жалба за сексуалнот вознемирување да ја поднесат на приватна арбитража а не пред судовите. Клаузулата исто така содржи и согласност за тајна.

Директората на невладината ОКСФАМ, Вини Бианима од Уганда, им се заблагодари на Американките што го стартуваа движењето и со тоа покренаа бран во целиот свет.
Некои политичари во Давос одлучија да зборуваат за еднаквоста помеѓу мажите и жените како и со економската и социјална цена на оваа дискриминација.
Најдобрите оценки тука ги доби канадскиот премиер Џастин Трудо кој повика на «фундаментална промена на културата во фирмите» за да «вработат и промовираат» жените на високи одговорни функции. Трудо се обврза оваа тема да ја стави на високо место на агендата на состаноците на Г7, група на најразвиени земји во светот. И именуваше ко-претседателки на Г7 – Изабел Хадон, канадска амбасадорка во Франција и Мелинда Гејтс, коосновачка на фондацијата Бил и Мелинда Гејтс.
Речиси сите лидери во нивните говори ја споменаа оваа тема а единствените што темата ја заобиколија беа Доналд Трамп и индискиот премиер Наренда Моди.
Во Давос можеа да се чујат и приказни на учесничките, сите моќни и со големи примања, па сепак жртви на сексизмот или феноменот наречен на англиски « mansplaining », начинот на кој мажите им се обраќаат на жените со израз што јасно кажува дека тие, мажите, повеќе знаат од жените.

Така норвешката премиерка Ерна Солберг раскажа како еден генерален директор и го објаснувал «како на дете» механизмот на камати на еден состанок на комисијата за финансии на Парламентот. Зборувал се додека не бил прекинат од еден член на комисијата со зборовите: «Ерна е поквалификувана по економија од сите нас тука».