Опасниот радиоактивниот кобалт 60 кој со години се наоѓа на Клиниката за онкологија најдоцна до јуни треба да биде изнесен од државата, потврдија за НОВА во Агенцијата за радиjација. Владата повеќе од половина година барала странска помош за да се отстрани радиоактивниот материјал од државата. Помош прво се барала од САД, за потоа да биде договорено акцијата да ја спроведе Меѓународната агенција за атомска енергија на ОН, со седиште во Виена.
Според строгата меѓународна процедура, акцијата треба да се одвива ноќе кога нема движење на пациенти и луѓе по улиците на градот. Транспортот ќе биде спроведен со специјално возило според највисоки стандарди, со придружба на полицијата, експерти од Меѓународната Агенција за атомска енергија и од Агенцијата за радијација. Радиоактивниот кобалт ќе биде однесен во Германија или Франција, една од двете земји кои се јавиле на тендерот.
„ Операцијата ќе се изведе со специјално возило, странските експертите ќе го демонтираат кобалтот и ќе го стават во специјален контејнер кога ќе нема пациенти на Клиниката. Транзитот ќе се одвива со помош на Агенцијата за радијациона сигурност и полиција до границата, каде што треба да го преземе полицијата на државата низ која што поминува. Во меѓувреме, се работи на обезбедување на дозвола за транзит што треба да го има секоја земја која што не е членка на ЕУ“, објаснуваат за НОВА во Агенцијата за радијација.
Во Македонија има 16 места кои се извор на радиоактивно зрачење. Дури четири од нив се наоѓаат во Скопје. Најопасниот извор е кобалтот 60 кој е сместен на Клиниката за онкологија, велат експертите. Проблем е што државата нема специјален склад каде што ќе се чува радиоактивниот отпад. Во Агенцијата за радијација која е владино тело, велат дека во 2012 година направиле напори за да добијат проект финансиран од Европската комисија со чии средства требало да биде направен таков специјален склад, но претходната Влада не била заинтересирана и проектот пропаднал.
„ Сега имаме поддршка од Владата, добивме локација и таков специјален склад ќе биде направен во објект кој веќе постои на потегот меѓу Мршевци и Арачиново и е во сопственост на Министерството за одбрана. Складот ќе биде од јавен карактер, а населението ќе биде известено за се. Во моментот се бара оператор со неколку вработени кои ќе се грижат, а радиоактивниот отпад ќе биде безбеден и заштитен од надворешно зрачење. Најверојатно тоа ќе го прави Институтот за јавно здравје. Такви складови имаат сите земји“, потенцира Светислав Ѓорѓевиќ директор на Агенцијата за радијациона сигурност.
Дека Македонија мора да има ваков склад констатирале и експертите од Меѓународната агенција за атомска енергија кога дошле да ја испитаат ситуацијата во нашата држава.
Што преставува Кобалт 60
Кобалт 60 е радиоактивен изотоп на кобалтот со период на полураспаѓање од 5 и пол години. Доколку човековиот организам прими 3 до 4 сиверти, смртноста е 50 проценти во рок од 30 дена. Оваа вредност се постигнува за време од 6 до 8 минути изложување на 1 грам кобалт 60 на блиско растојание од човековото тело.
Кобалтот-60 (Co-60 или 60Co) е радиоактивен метал кој се користи при зрачната терапија на болните од рак. За зрачна терапија е корисен за околу 5 години, но и по ова е сè уште радиоактивен.
Исто така, може да се добие и како нус-производ во нуклеарните реактори, како резултат на изложеност на градежните материјали на неутронско зрачење. Кобалт-60 се користен како извор на гама зрачење бидејќи гама зракот може лесно да се произведе во одредена количина и со висока активност само со бомбардирање на кобалт со неутрони во реактор. Наоѓа примена и за стерилизација на медицински прибор и медицински отпад, ладна пастеризација, индустриска радиографија, мерење на густина.
Опасноста од кобалт 60 е да не се злоупотреби, украде, да се остави на отворено или да се искористи за бомба со огромна разорна моќ како што се користи за терористички напади во метроата.
Во пракса се познати многу случаи на злоупотреба на кобалт 60. Особено е свеж случајот во Мексико кога во 2013 од напуштена болница бил украден 40 грама радиокативен кобалт 60. Крадците го извадиле од оловната кутија и го оставиле една недела да стои на нива. Властите во Мексико претпоставуваа дека крадците спиеле претходно во камионот каде што бил украдениот кобалт и дека во моментот на откривањето се многу болни или се веќе мртви.
Токму од тие причини и радиоактивниот кобалт 60 на Клиниката за онкологија е под опсервација на МВР. Сепак, иако е во специјален бункер и заклучен со две метални врати, прашање е дали се гарантира безбедноста бидејќи на Клиниката нема обезбедување, освен чуварската служби.
Како што вчера објави НОВА радиоактивен отпад со години стои во сред центар на Скопје, во подрумските простории на Клиниката за онкологија и преставува темпирана бомба од безбедносен аспект. Станува збор за радиоактивен кобалт 60 кој е многу опасен по здравјето на луѓето доколку се изложат на неговото зрачење.
Освен радиоактивен кобалт таму во последните 50 години бил складиран и друг радиоактивен отпад, како што е радиоактивно злато, радиум, цезиум кои биле користени во медицината, а немало каде да се однесат. Кобалтот е во бункер во подрумските простории, а останатиот радиоактивен отпад се наоѓа во просторија под таванот на клиниката во посебен бункер за да нема надворешно зрачење. Не се знае колкави количини има од овој радиоактивен отпад бидејќи неговото присуство се мери однадвор со специјални апарати. Стручањаците тврадт дека нема зрачење поголемо од дозволеното или од тоа што го добиваме од природата.
Кобалтот е дел од апарат за зрачење на болните кој на Онкологија се користеше од 1999 година, а десет години подоцна беше исфрлен од употреба. Бидејќи немало каде да се однесе тој и целиот друг радиоактивен отпад се чуваат на Клиниката за онкологија.