Доколку СДСМ не се за предвремени избори, ДУИ ќе го поддржи нивниот став, вака денес заклучи Бујар Османи од ДУИ. ДУИ не е за предвремени избори, но доколку двете партии се согласат тогаш ќе мораат да ги поддржат изборите.
Поранешниот Министер за здравство на Македонија, објасни дека предвремени избори не се решение на изготовката на извештајот за случувањата од 24 декември минатата година, за кој членовите на ад хок комисијата и покрај интензивните разговори во изминатите неколку дена не успеја да го испочитуваат рокот за донесување на извештајот што го договорија лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ Никола Груевски и Зоран Заев на нивната последна средба што се одржа во вторникот.
– Ако гледаме од партиски интерес, подготвени сме и уште утре да има избори. Сепак, изборите не се решение за проблемите на граѓаните и државата, изјави портпаролот на ДУИ Бујар Османи кој вели дека сите теренски анкети одат во прилог на партијата.
Османи напомена дека од ДУИ никогаш не било побарано да бидат „медијатори“ во преговорите на комисијата, но тие секогаш биле конструктивни со своите придонеси.
„Избори не се решение, но доколку двете партии кои имаат голем капацитет да се договорат околу тоа – се согласат, ДУИ нема механизам како би ги стопирал“, рече Османи.
На прашањето дали е направена грешка во однос на постапките со новинарите на „црниот понеделник“, Бујар Османи одговори потврдно, додека за пратениците вели дека западнале во замка поставена од опозициската партија.
Инаку вчера, како стравување од тоа дека Македонија би можела да остане без препораката за членство во Унијата доколку не се изгласа извештајот, премиерот Груевски постави ултиматум – или извештај или избори на 13 октомври.
Ги повика СДСМ да се соберат веднаш и да изгласаат како што вели „каков сакаат извештај во делот на правните кфалификации“, иако потенцираше дека јавноста ќе знаела дека тој извештај е партиски, но тие ќе се жртвувале за Македонија да не ја загуби препораката за членство во ЕУ.




