Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски вечерва, во изјавата за медиумите, излезе со порака до СДСМ дека предвремени парламентарни избори ќе има доколку на тоа се согласат и тоа до утре, за да се исполни рокот, 13 октомври.
Премиерот додаде дека и покрај тоа што е на штета на ВМРО-ДПМНЕ, се согласува да биде потпишан каков било извештај на ад- хок Комисијата, само и само „зашто ВМРО-ДПМНЕ води сметка за државните интереси“.
-Народот не е виновен што имаме ваква расштимана опозиција. Граѓаните ќе речат дека довербата ни ја дале нам, а не на СДСМ, па ние сме тие на кои им е доверена одлуката да ја штитат државата во вакви ситуации. ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука во интерес за државата, да потпише Извештај на Ад-хок комисијата, каков што сака СДСМ. Ако ним не им е важен интересот на Македонија, нам ни е важен.
За нас и за граѓаните тие правни квалификации не се она со што се согласуваме. Ние сме партија која 7 години ја добива довербата, ќе подметнеме грб. Ако не можат да се радуваат на изборен резултат, нека се радуваат барем на Извештајот. Препораките треба да се во функција да не се повтори она што се случи. Но нашиот став никогаш нема да го промениме, тој дел во извештајот ќе биде за нас невалиден. ВМРО секогаш во преден план го имал интересот за Македонија, а така и ќе остане, изјави премиерот.
Груевски исто така додаде дека од денешната изјава на заменик претседателот на СДСМ Шекеринска уште еднаш се потврди дека и оваа гарнитура на Заев и Шекеринска бега од избори како „ѓавол од темјан“.
Вчера премиерот даде ултиматум- СДСМ да изгласа било каков извештај од Комисијата, кој ќе биде партиски. Втората алтернатива беше да се потпишат два извештаи, по што ќе се оди на избори. Така, народот ќе одлучи, рече Груевски.
Денеска Шеќеринска на прес го отфрли ултиматумот, со порака дека извештајот не треба да биде партиски, додека кога станува збор за предвремени избори, тие треба да се изгласаат на Парламент, додавајќи дека СДСМ не застанува зад криминални избори.




