Македонските институции предничат на Балканот по пратени барања за податоци за своите граѓани од американската социјална мрежа Фејсбук, објавува компанијата, јавува Ал Џазеира.
Во „Глобалниот извештај за владините барања“ се објавува дека Македонија поднела 9 барања за 11 различни профили, на кои Фејсбук позитивно одговорил во една третина, или како што е објавено во 33 % од случаите.
Од земјите во соседството, од Фејсбук податоци за своите граѓани барале Србија, во еден случај, Хрватска и Црна Гора за два, и во сите случаи не ги добиле бараните податоци.
Од МВР за 24 Вести велат дека тие побарале податоци од Фејсбук во неколку случаи, но барања можат да упатат и останатите државни институции.
Најчесто се работи за истраги за одредени кривични дела, каде бараме податоци од Фејсбук за одредени корисници. Во некои случаи се работи и за окткривање на групи кои повикуваат на насилство или извршување на кривични дела. Во принцип имаме добра соработка со Фејсбук, иако се случило и да не ни одобрат откривање на податоци, кога бараат дополнителни информации, изјавиле од МВР.




