Формирана е работната група за имплементација на препораките од извештајот на Комисијата за испитување на настаните во и пред Собранието на 24 декември.
По денешната координација на партиите кај претседателот на Собранието, Велјановски, за претседател на комисијата е поставен Илија Димовски од ВМРО – ДПМНЕ, а членови се: Благородна Дулиќ од ВМРО – ДПМНЕ, Цеветанка Иванова од СДСМ, Игор Ивановски од СДСМ и Неџат Јакупи од ДУИ, додека ДПА одбиле да членуваат во оваа група.
Силвана Бонева, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека парламентарното мнозинство, особено ВМРО-ДПМНЕ, се подготвени да ги реализираат препораките во целост. Партијата воедно смета дека ДПА ќе го преиспита своето неучество во Работната група со оглед дека ќе се прават измени на Деловникот и Законот за Собранието.
Игор Ивановски од СДСМ ја квалификува денешната координација како техничка.
– Очекуваме Работната група веднаш да почне со работа за да се коригира досегашната исклучително лоша работа на Собранието. Најпрво ќе треба да се фокусираме на Деловникот за да се укинат одредбите кои власта ги донесе додека СДСМ беше надвор од Парламентот, изјави Ивановски.
Се најавува прес конференција на СДСМ за попладнево на која се очекува да има реакција по вчерашната објава на копија од оригиналниот документот во која Илија Димовски и Благородна Дулиќ, двајцата членови од ВМРО-ДПМНЕ во ад – хок комисијата на писмено се оградуваат од правните квалификации во извештајот на комисијата.
.jpg)
На последната страна од извештајот, каде што стојат потписите на членовите на комисијата може да се види дека резервата е изразена во писмена форма и е составен дел од него. Под потписот, на Димовски и Дулиќ со нивен ракопис тие додале дека потписот е „без согласност за правните квалификации“.
Препораките од извештајот, меѓу другото се однесуваат и потребата од усогласување на одредбите помеѓу Законот за Собранието и Деловникот за работа на Собранието, предвидување одредби во Деловникот со кои ќе се уреди начинот на работа на координацијата на пратеничките групи, ревидирање на одредбите од Деловникот кои се однесуваат на постапката за донесување на буџетот, подготовка и усвојување на етички кодекс, зајакнување на улогата и на анкетните комисии и овозможување услови за непречено работење на новинарите кои ја следат работата на Собранието.




