Без епилог заврши денешната средба кај владиката Тимотеј во Охрид за надминување на спорот околу црквата „Свети Димитрија“ во струшкото село Октиси, каде пред неколку денови жителите од муслиманска вероисповед спречија да се изврши осветување на темелите на црквата.
На средбата присуствувал само градоначалникот на Струга Зијадин Сеља, а струшкиот муфтија во ИВЗ, Салим Сулејмани не дошол.
„Нова средба е закажана за идната недела“, изјави за НОВА, надлежниот митрополит Тимотеј.
По инцидентите минатата недела денска без успех заврши обидот преку разговори да се изнајде решение за надминување на меѓуверскиот спор кој настана кога верниците од муслиманска вероисповест го попречија осветувањето на темелите на црквата „Свети Димитрија“.
>>Се бара решение на проблемот во струшко Октиси
По однос на барање до судот за воспоставување времена мерка за Решението за градба на параклисот во село Октиси поднесено од градоначалникот на Струга, Зијадин Села, митрополит Тимотеј рече дека на тој начин само ќе се добие време за да се реши проблемот и да се смират страстите меѓу жителите во селото од христијанска и муслиманска вероисповест но, не станува збор за отстапување од осветувањето на темелите на некогаш постоечката црква во Октиси.
„Тоа е најдоброто решение во моментот, заради безбедносни причини“, рече Села.
Вчера невладината Цивил со апел до јавноста побара секој поединец, жител-ка на ова село, да се воздржат од секакви насилни акти, а разликите во ставовите да ги стават на маса и да ги решат проблемите преку разговор како достоинствени и разумни луѓе и добри соседи.




