„Пред почетокот на новата академска година, во Студентскиот центар владее хаос заради сместувањето во студентските домови. Не само што домовите не се исчистени, бојадисани, не е извршена дезинфекција/дератизација, туку и леглата се уште не се распределени“, реагираше денеска подмладокот на СДСМ.
„За прв пат откако постои сместување на студенти во домовите, годинава не е објавена прелиминарна листа со податоци за бодувањата и основата на добиените бодови. Власта директно објави конечна листа, што само по себе е крајно сомнително, односно ни дава за право да помислиме дека сместувањето во студентските домови ќе биде проследено со низа нерегуларности. Со ваквата нетранспарентна постапка, студентите не можат да имаат увид по кои критериуми освоиле бодови и не можат да се жалат за евентуалните неправилности да се исправат“, изјави пред новинарите Дарко Давитковски, претседател на СДММ.
– Што се однесува до вчерашната изјава на премиерот Груевски дека 45% од студентите дале неточни податоци и дека ќе има нова тура примања, произлегува дека Груевски своите изјави ги базира на информации до кои студентите, но и јавноста немаат никаков пристап. Ако се е транспарентно како што тврди Премиерот зошто никаде не се објавени податоци за дури 45% одбиени студенти. Јавноста и студентите имаат право да ги знаат листите на примени и одбиени студенти во студентските домови? Штом премиерот располага со вакви информации, можеби знае колку слободни легла има во апартманите на 7-от спрат во студентскиот дом Кузман Јосифовски Питу и дали во досегашните години 45% од леглата биле нелегално распределени?, прашуваат од подмладокот на СДСМ.
Тие бараат од министерот Спиро Ристовски да не ја замајува јавноста со паушални изјави во кои ги повикува управителите на домовите коректно да ги распределуваат леглата.
„Добро познато е дека распределбата се врши преку Комисија на министерството, која ја именува лично министерот за образование“, рече Давитковски.
Затоа, го повикуваме министерот Ристовски да прекине со обидите да се амнестира од одговорноста и изборот на студентите кои имаат потреба од легло конечно да го направи во транспарентна постапка, велеат од СДММ.




