Резервата на Димовски и Дулиќ со која се отфрла правната квалификација на извештајот на 24 декември нема никакво значење за Европската комисија.
Брисел е подготвен на нова рунда Висок политички дијалог со Македонија кој би започнал уште оваа есен доколку владата на тоа се согласи.
Резервата на Илија Димовски и Благородна Дулиќ со која се отфрла правната квалификација на извештајот на 24 декември е без никакво значење за Европската комисија (ЕК). “Забелешките на двајца членови на извештајот, под нивните потписи, не се важни. Важно е тоа што извештајот е усвоен и сега е битно тој да биде спроведен”, вели за Нова дипломат од ЕК кој исто така најавува дека Брисел е подготвен за нова рунда на Висок политички дијалог со Скопје каков што минатата година и помогна на Македонија да ја задржи препораката за преговори за членство со ЕУ.
Во Брисел во изненадување и големо задоволство ја примиле веста дека извештајот за 24 декември е конечно донесен и потпишан и покрај изјавите од минатиот викенд кои не најавуваат позитивен исход на процесот.
Сега Македонија со помирно срце може да очекува повторување на препораката за старт на преговори за членство со ЕУ како и во изминатите години. “Без извештајот за 24 декември препораката беше сериозно доведена во прашање и од комесарот Штефан Филе”, вели нашиот дипломат пренесувајќи го задоволството на ЕК поради извештајот.
На извештајот во Брисел се гледа на политичка алатка која ќе и помогне на земјата да се врати на демократскиот пат. Се очекува исто така да дојде до примена на извештајот изработен со помош на експерт кој деноноќно работел да ги натера двете македонски партии да влезат во дијалог. Би било добро според ЕК да има одговорност за нарушување на Уставот со настаните од 24 декември но во Брисел не сакаат да се мешаат во тоа кој треба да даде оставка или едноставно да биде прераспределен на друго работно место.
За да може идната октомвриска препорака за старт на преговори уште посолидна а извештајот да не содржи негативни критики, се очекува многу брзо потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу политичките партии. “За Македонија е од особено значење конечно да се обнови политичкиот дијалог кој во земјата одамна го нема”, вели нашиот соговорник. Тој го пренесува изненадување на експертот, дојден од Белгија, да помогне во изработката на извештајот на 24 декември. “Самиот тој беше многу изненаден од лошата атмосфера помеѓу политичарите од разни партии и е денес посебно задоволен што дал свој придонес за воспоставување на дијалогот кој треба да се засилува и понатаму”, вели еден дипломат.
По ова остануваат нерешени дав проблеми. Едниот се изборните реформи кои одамна се бараат во Македонија и вториот, уште позначаен елемент, е дијалогот помеѓу владата и новинарите. Овој дел ситуацијата е особено загрижувачка и засега не се гледаат знаци дека таа ќе биде одблокирана.
Според европскиот дипломат, ЕК очекува владата да се согласи да го продолжи Високиот политички дијалог во кој токму слободата на медиумите ќе ја добие главната улога.