Членовите на работната група за имплементација на препораките од Извештајот на Комисијата за испитување на настаните во и пред Собранието на 24 декември денеска одржаa седница, прва по конститутивната која се одржа минатата недела.
Според изјавите на пратениците Игор Ивановски- СДСМ и Неџат Јакупи- ДУИ за НОВА, приоритети со рок до 1 октомври остануваат деловникот и процедурата за донесување на буџетот. Ивановски изјавува дека приоритет треба да биде и ревизија на веќе донесените закони во Собранието, за времето кога опозицијата го бојкотираше.
Јакупи ја оценува средбата како конструктивна, со намера да се состануваат најмалку еднаш неделно, додека Ивановски вели дека политичката волја е пресудна и дека од страна на СДСМ таа постои и се очекува еднаков учинок и од власта.
Илија Димовски- ВМРО-ДПМЕ за НОВА изјави дека во оваа фаза постои коректна атмосфера и желба за напредок и реализација на договорените ставови, додавајќи дека нема крен рок, но и дека се свесни за потреба од динамика. Димовски додава дека се гледа потреба од донесување на етички кодекс во Собранието и токму во таа насока се работи на споредбени анализи од земјите со зрела демократија, што ќе бидат насоки за конципирање на ваков кодекс.
Работната група има шест члена. Претседавач е пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, а членови се Благородна Дулиќ од ВМРО-ДПМНЕ, пратениците Игор Ивановски и Цветанка Иванова од СДСМ, пратеникот Неџати Јакупи од ДУИ, додека ДПА рече дека нема да учествува во работата на оваа комисија. Во состав на оваа работна група учествува и претставник на ЕУ.
Работната група работи на имплементација на единаесетте препораки за кои ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ постигнаа согласност, а произлегуваат од Извештајот на ад-хок комисијата.




