Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ го обвини претседателот на СДСМ, Зоран Заев дека манипулира со јавноста, откако Заев претходно изјави дека холандските инвеститори во Струмица не ги донел актуелниот министер без ресор Веле Самак, туку Општина Струмица.
„Прво, Заев излажа дека ја обезбедил холандската инвестиција. Вистината е дека тоа е инвестиција за која Владата работела три години претходно. Се виде дека во целиот процес биле вклучени економскиот промотор, амбасадорот во Холандија, и повеќе владини министри“, изјави на денешната прес-конференција портпаролот на партијата Александар Бичиклиски.
Втората лага, според Бичиклиски, Заев ја кажал кога изјави дека Општина Струмица обезбедила поволности за инвестирање.
Според него, Владата потпишала договор со компанијата за државна помош која изнесува над еден милион евра за да оваа компанија инвестира во Македонија, а исто така Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ согласно законот обезбедила даночни олеснувања за да се реализира оваа инвестиција.
Третата и најголема лага, вели тој, е дека општина Струмица ја изградила инфраструктурата во зоната.
Според објавените документи, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ велат, се гледа дека Зоран Заев и општина Струмица согласно договорот добиле околу 854 000 евра за инфраструктурна изградба на зоната.
Бичиклиски изјави дека Владата инвестирала во изградба на: улици, мост, атмосферска и фекална канализација, водовод, улично осветление, тротоари, експропријации, дислокација на далноводи.




