Вработени во велешкиот суд биле повикани во скопското обвинителство и во обвинителството во Велес за да дадат исказ во врска со случајот „Ореше“, односно за убиството на старецот од велешкото село Ореше, случај којшто од почеток го следат контроверзи.
Пред судскиот Совет денеска сведочеа седумина сведоци на Oбвинителство, од кои повеќето вработени во судската администрација во Основниот суд во Велес.
Пред судот исказ даде и Сашко Арсовски братот на заштитениот сведоки Златко Арсовски со псевдоним Бреза. Сашко обелодени дека во полиција бил присилен да даде исказ кој му го смислиле инспектори од полиција. Требало да каже и да ги наклевети тогашните судии во случајот Ореше дека му барале пари и му вршеле притисок за да биде ослободен неговиот брат, „Бреза”, кој одлежувал казна затвор за разбојништво, јави Макфакс.
Скопскиот адвокат, Звонко Давидовиќ, кој беше адвокат на сега веќе ослободените браќа на кои им се судеше во „Ореше“, исто така од Обвинителството беше повикан како сведок.
Во случајот „Ликвидација” му се суди и на новинарот Томислав Кежаровски дека пред пет години го открил идентитетот на заштитениот сведок во случајот Ореше.




