Власта треба да се извини бидејќи со невистини го валка името на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, изјави Кирил Парталов, секретар на општина Струмица.
„Кога се чита од договорите, власта треба да биде искрена и да чита до крај. Но, така ќе стане јасно дека кога се споменува надоместок, станува збор за надоместок за уредување градежно земјиште, јавна давачка на Општината пропишана со Закон!“, изјави Парталов коментирајќи ги тврдењата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека Зоран Заев манипулира со јавноста. „Зборуваат за сегашна странска инвестиција, а вадат договори со кои е платен надоместок за уредување градежно земјиште за друга градежна парцела во друго време! Тоа е бесрамна манипулација!“, додаде тој.
Според него, јавното претпријатие „Агро Берза“ на општина Струмица платила надоместок за уредување градежно неизградено земјиште, или популарно наречен комуналии, што секое правно или физичко лице е должно да го плати при изградба на објект.
>> ВМРО-ДПМНЕ: Холандската инвестиција ја донесе Владата
Договорите, вели Парталов, кои се мавтаа пред камерите, се договори за наплата на надоместокот за уредување на градежно земјиште за изградба на објект „Агро Берза“ во Струмица.
„Владата или Јавното претпријатие „Агро берза“ не може да биде инвеститор со средства што се, според закон, исклучива надлежност на општината, којашто решава како ќе ги инвестира понатаму“, надополнува општинскиот секретар.
Според секретарот Парталов, за да излезе во пресрет на Владата за побрзо да ја стави во функција, „Агро берза“ – најавувана како Јавно приватно партнерство помеѓу ова компанија и „Агрокор“, со „Агрокор“ договорила дека надоместокот, ќе го инвестира општината, во изградба на дел од инфраструктурата на предметната парцела.




