Нема одговор од Министерството за здравство што ќе го советуваат тројцата посебни советници, какви познавања од здравство треба да имаат, како се пресметува платата и дали сметаат дека е превисока бидејќи не кореспондира со платите на државните службеници во Министерството за здравство кои никогаш не биле повисоки од 40 000 денари
Оглас за тројца посебни советници во кабинетот на министерот за здравство Венко Филипче, распиша Министерството за здравство. Во огласот кој важи до 2.ри мај, односно пет дена од денот на објавување се бара посебен советник во кабинетот на министерот за здравство поврзани со имплементација и креирање на здравствени политики и меѓународни проекти , тројца извршители.
Од кандидатите се бара висока стручна подготовка, пет години работно искуство, познавање на англиски јазик и компјутери и ефективна усна и писмена комуникација. Од тројцата посебни советници од кои покрај работата преку работната недела, се бара и работа за време на неделен одмор, за време на празници заради извршување на итни и неодложни работи.
Посебните советници ќе бидат вработени во кабинетот на министерот на определено време за период до истекот на мандатот на министерот.
Нето плата на овие тројца посебни советници на министерот Филипче ќе биде од 35 000 до 55 000 денари. Во огласот стои дека пристигнатата документација ќе ја разгледува комисија од тројца членови формирана од министерот Филипче, во рок од три дена по завршување на јавниот оглас.
Нема одговор од Министерството за здравство дали се бараат нови кадри или станува збор за некои од тие што веќе се ангажирани во кабинетот на министерот Филипче. НОВА веќе два дена чека на одговор по кој критериум се пресметува платата на овие посебни советници, дали сметаат дека е превисока бидејќи не кореспондира со платите на државните службеници во Министерството за здравство кои никогаш не надминале сума од 40 000 денари.
НОВА, од извори во Министерството дознава дека во кабинетот на министерот Филипче веќе се ангажира околу 10 луѓе, сите млади.
Од кабинетот не одговорија кои се нивните познавања и задолженија и од кои области на здравството ќе го советуваат министерот Филипче.