Наместо професорите и учениците успешно да си ја продолжат работата започната во претходните учебни години се случи тешка незаконска, противчовечка и непедагошка интервенција од страна на нелегитимната општинска власт во секторот образование, обвини денеска пратеникот Наџи Џелили и советничката група на НДП од Гостивар, кои одржаa прес конференција во присуство на работниците кои неодамна добија откази, јавува Плусинфо.
„Оваа антидемократска општинска власт без ниту еден аргумент отстрани повеќе од 90 професори од основните и средните училишта во општина Гостивар, што заедно со 55 отстранети професори во април 2013 го надминува бројот од 140 професори диференцирани и отстранети од работа само за неколку месеци поради идеолошки побуди.
– Посебноста на овој грозоморен политички болшевички-сталинистички реваншизам на гостиварскиот Асад алијас Невзат Бејта, е фактот дека во процесот на диференцијација и отстранување од работа не се почитува ниту еден законски, етички, социјален, човечки критериум и работно искуство“, рече Џелили.
Тој смета дека отстранувањата од работа на професорите и вработените во ЈПК и од општинската администрација е направено со „сталинистички мобинг, невиден и непознат преседан во јавниот сектор во Македонија“.
„Во рамките на оваа невидена кампања за да им наштетат на политичките противници на незаконски начин иако тие имале легални договори до 31.12.2013 за јавниот транспорт за ученици им се прекина договорот на 70 транспортери (комбисти) со што е ставен под знак прашање транспортот на учениците бидејќи незаконски објавениот тендер завршува на 30.09.2013“ додава Џелили.




