Шведската академија која ја доделува Нобеловата награда објави дека оваа година, оваа награда за литература нема да биде доделена, по скандалот со обвинувања за наводен сексуален напад за сопругот на една од членките.
Членката на Академијата се повлече, како и претседавачот со Академијата и четворица други членови.
Како што е официјално соопштено, одлуката е донесена поради недостаток на доверба од јавноста.
Академијата соопшти дека добитникот на оваа награда за годинава, ќе го објави заедно со победникот за следната година.
Ова е најголемиот скандал со кој се соочува Академијата, од 1901 година кога започнува доделувањето на престижната награда.
Некои членови на Академијата сметаат дека наградата треба да се додели за да се продолжи со традицијата, додека други сметаат дека институцијата не е во позиција да ја додели наградата.
Досега, во историјата на доделувањето на оваа награда, освен во шестте години за време на светските војни, само една година наградата не била доделена – во 1935 година, кога е одлучено дека ниту еден од кандидатите не е достоен за да биде лауреат.
Што е причината
Кризата започна во ноември минатата година, кога францускиот фотограф Жан-Клод Арно, кој предводел културен проект со средства од Шведската академија, беше обвинет од 18 жени на сексуален напад.
Некои од наводните инциденти, наводно, се случиле на имотите што и припаѓаат на Академијата. Арно ги негира обвинувањата.
Академијата подоцна гласаше за отстранување од Комитетот на сопругата на Арно, поетесата и писателката Катарина Фростенсон.
Ова, заедно со обвинувањата за судир на интереси и протекување на имињата на добитниците на Нобеловите, ја поделија организацијата.
Потоа следуваше бран оставки, вклучувајќи ја Фростенсон и шефот на Академијата, Сара Даниус.
Сега Комитетот брои само 11 членови. Од нив, еден, Керстин Екман, е неактивен од 1989 година, кога Академијата одбила да ја осуди фатвата издадена за Салман Ружди.
Според Статутот, за кворум се потребни 12 гласа.
Технички, членовите на шведската академија се избираат доживотно и не можат да поднесат оставка, иако можат да одбијат да учествуваат во одлуките. Покровителот на академијата кралот Карл XVI Густаф изјави дека ќе ги промени правилата за да им дозволи формално напуштање.
Според сегашната одлука, двете награди за литература, за 2018 и за 2019 ќе бидат објавени заедно.
Но ова не е преседан во досегашната историја. Наградата не беше доделена во 1936 година, туку една година подоцна на американскиот драматург Јуџин О’Нил.
Се претпоставува дека во годинешната одлука на Академијата, голема улога одигра кампањата #MeToo, која ја подигна свесноста за сексуалните напади. Во вакви превирања, на потенцијалните победници би им било тешко да ја прифатат Наградата од Академијата која се наоѓа среде ваков скандал.
Од Академијата првично изјавија дека угледот на Нобеловата награда за литература “во голема мерка” е нарушен, при што ветија дека ќе работат на враќање на довербата на јавноста во организацијата.