Информацијата објавена на телевизискиот канал „Фрекуенсија латина“ е класична лага и клевета против мене и ниту еден друг медиум не ја објави тврди за Дневник почесниот конзул во Перу, Дејан Атанасовски.
Атанасовски за весникот вели дека информацијата на медиумот му ја сервирал стражар од зградата каде што живее за кого тој потпишал да биде отпуштен од работа.
– Јас како претседател на куќниот совет потпишав лично тој да биде избркан од работа. Според перуанскиот закон, сите згради имаат статус на приватни здруженија – куќни совети и имаат еден законски претставник – јас сум на таа функција и имам полно право да го направам ова ако некој не ја врши својата работа како што треба. Споменатиот не ги исполнуваше правилата на својата должност. На снимката се гледа како една група соседи се караат и даваат изјави пред полицијата, која тој ја повикал, но во ниту еден момент не го удирам полицаецот. Јас само бев присутен во групата – објаснува Атанасовски.
Тој веќе ангажирал адвокати и најави оти по судски пат ќе ја истера правдата оти е лажно наклеветен и обвинет.
Локалната телевизија објави дека Перуанската полиција минатата недела го уапсила македонскиот почесен конзул, во Перу. Атанасовски, бидејќи според телевизијата, ги малтретирал соседите во зградата каде што живеел.




