Новинарот Томислав Кeжаровски е префрлен во друга помала келија, со многу полоши услови тврди неговиот адвокат Филип Медарски.
Неговата сопруга Марина Кежаровска, е загрижена поради новата ситуација бидејќи лошите услови во затворот уште повеќе ќе ја влошат неговата здравствена состојба.
-Прима терапија, денеска го видов и тој не е во добра состојба. Не се жали затоа што се обидува да не ме загрижува вели Кежаровска за Телма.
Судот веќе четврти месец му го продолжува притворот на Томислав Кежаровски Судењето продолжува утре со распит на преостанатите сведоци. Според најавите може да се премине на завршните зборови , а следната недела да биде изречена пресудата..
-Ова е можеби најтешкиот период за нас. За мене нема дилема, тој е невин, но се прашувам кој ќе ни ги врати сите овие месеци исполнети со стрес, вели Кежаровска.
Случајот со новинарот Кежаровски предизвика големо внимание кај меѓународната заедница и меѓународните организации за заштита и промоција на правата на новинарите во Македонија. Регираше и претставничката на ОБСЕ Дуња Мијатовиќ која изрази загриженост поради тоа што новинар се држи затворен во очекување на судењето, како и Здруженијата на новинари кои бараат слобода за Кежаровски неколкупати досега.




