По 18 години на власт, Владимир Путин денеска положи свечена заклетва за четвртi претседателски мандат, откако на изборите на 18 март убедливо победи, освојувајќи повеќе од 76 отсто од гласовите. Тој ќе остане во Кремљ до 2024 година, кога ќе има 72 години.
-Ќе ја извршувам функцијата уважувајќи ги правата и слободите на граѓанире, ќе го штитам Уставот и ќе го бранам суверенитетот, безбедноста и целовитоста на државата и верно ќе му служам на народот, рече Путин во заклетвата што ја положи на Уставот на Руската федерација, во големата сала во Кремљ, каде присусвтуваа 5.000 луѓе.
– Додека стапувам на должноста претседател, посебно силна одговорност чувствувам пред нашиот многунационален народ, одговорност пред Русија, пред илјадагодишната историја на нашата земја, нашите претци, изјави Путин.
Тој истакна дека го смета за свој долг и смисла на живот да направи се што може за земјата. – Русија треба да биде современа и динамична, храбро да ги прифаќа предизвиците на времето и да го јакне своето лидерство во сферите каде сме традиционално силни, рече Путин пред насобраните гости по стапувањето на должност.
– Русија ќе биде силна, а народот ќе живее подобро, вети рускиот претседател и дополни дека историјата не простува една работа: рамнодушност и недоследност.
Путин оцени дека на Русија и се потребни продори во сите сфери и дополни дека исчекор ќе може да се направи само со слободно општество.
– Русија научи да ги брани своите интереси и повторно си ја врати гордоста за татковината. Менувајќи се заедно со светот, Русија не смее да ја заборави својата историја, самобитност и единство, порача рускиот претседател.
Путин, поранешен агент на КГБ, дојде на власт во 2000 година, заменувајќи го Борис Елцин на функцијата претседател на Русија, која тогаш беше нестабилна и економски слаба држава. Голем број од сонародниците го фалат Путин поради тоа што благодарејќи на приходите од нафтата, на земјата и донел стабилност и напредок, а други пак го критикуваат поради ограничувањето на човековите права и медиумски слободи.
Што ќе донесе четвртиот мандат
Внатрешната политика сe поавторитарна
Што значи авторитарниот стил можеше да се види во текот на претходните години: ограничувања на слободата на собирање, заплашување на цивилното општество, поголема контрола во сферата на интернетот и социјалните мрежи, сѐ до обиди за блокирање, како во случајот на Телеграм. „Се плашам дека ќе продолжи стеснувањето на демократскиот простор за дејствување“, вели Мартин Шулце Весел, професор по источноевропска историја на универзитетот „Лудвиг Максимилијан“ во Минхен за Дојче Веле.
„Системот ќе станува се поавторитарен, под прагот на отворена диктатура, која на Путин не му е потребна, зашто пред светот мора да го зачува своето демократско мантилче“, претпоставува Хилдермајер.
Опозицијата речиси не е опасна
Бунт против Путин, како во поранешните советски републики Грузија или Украина, или како деновиве во Ерменија, во Русија не треба да се очекува, согласни се експертите.
На претседателските избори имаше двајца кандидати – Григориј Јавлинскиј и Ксенија Собчак, кои се позиционираа како претставници на либералната опозиција. Опозицискиот лидер Алексеј Навални, кој не доби дозвола да се кандидира на изборите, повика на бојкот на гласањето.
Сепак, давање прогноза е тешко, зашто преку интернет е можна брза мобилизиација на луѓето, потенцира Хилдермајер. Дали ќе дојде до протести ќе зависи од економскиот развој на Русија. На Путин досега му успеваше да ја стабилизира руската економија по проблемите од 2014 година, предизвикани од падот на цената на нафтата и делумно од санкциите на Западот воведени по анексијата на Крим. Оваа стабилност се чини загрозена од најновите, значително поостри американски санкции.
Во наредните години економската ситуација во Русија ќе станува потешка, уверен е Штефан Мајстер од Германското друштво за надворешна политика (ДГАП). „Ќе има помалку пари за пензии, за социјални давачки, па дури и за армијата“, смета Мајстер. Затоа, внатрешната политика во текот на четвртиот мандат на Путин ќе биде поважна од надворешната.
На дистанца од Западот
„Русија се чувствува самоуверено и се гледа себеси како сила која ќе диктира тон во идниот мултиполарен светски поредок“, нагласува Гернот Ерелер, коментирајќи ја руската надворешна политика. Обидот „да се оди натаму во правец на голема сила“ ќе продлолжи, уверен е и Штефан Мајстер. Притоа, Москва профитира од „недејствувањето на САД и ЕУ“, како во Сирија, а станува и важен актер на Блискиот Исток со помош на сопствените тактички шаховски потези, додава Мајстер.
Сите експерти се единствени во ставот дека Русија ќе го задржи курсот на оддалечување од Западот, но, како што потенцира Шулце Весел, таа нема сосема да се изолира од западните земји, зашто размената на информации е „преголема“ и постои можноста за патување на Запад. Алтернативата да се врзе за Кина „не е многу можна“, зашто во таков случај Русија би морала да се задоволи со улогата на „јуниор партнер“ на Пекинг.
Што е негова заслуга
На меѓународната сцена се обиде да го обнови руското влијание во светот, ослабено по распаѓањето на СССР, кое го нарече „најголема геополитичка катастрофа на 20 век“.
Во 2014 година влезе во конфликт со западните земји, откако кон Русија го припои украинскиот полуостров Крим, со помош на интервенција на руски специјалци и референдум на кој жителите на Крим се изјаснија дека сакаат да бидат дел од Русија. Украина и Западот референдумот го прогласија за противзаконски.
Медиумите наведуваат дека таа операција го зголеми неговиот углед на домашен план, но ја поттикна наголемата криза меѓу Русија и западот од крајот на Студената војна. Западните земји ја обвинуваат Москва дека воено го поддржува сепаратистичкиот бунт на истокот на Украина, што Кремљ негира.
Рускиот претседател се надева дека со организацијата на овогодинешното Светско фудбалско првенство, Русија ќе биде прикажана како спортска велесила.
Во 2014 година, Русија беше организатор на Зимските олимписки игри во Сочи, кои беа најскапите во историјата.
Кога кон крајот на 1999 година, Елцин поднесе оставка и го именуваше за премиер кој ќе го наследи, Путин веќе се наметна како прв човек во земјата кој ќе ја гарантира безбедноста по неговото заминување.
На изборите во 2000 година Путин освои „лесна“ победа на изборите, по што следуваше судирот со олигарсите, кои во 90-те години се обогатија при матни приватизации. Со оглед на тоа дека според Устав не можеше да служи повеќе од два последователни претседателски мандати, во 2008 година за шеф на државата го постави дотогашниот премиер Дмитриј Медведев, а тој застана на чело на владата.
Кон крајот на 2011 година најави враќање во Кремљ со нов мандат, кој во меѓувреме е продолжен на шест години, што поттикнна бран протести во змејата. Но протестното движење ослабна во пролетта 2012 година, кога надмоќно победи на претседателските избори. Потоа во парламентот беа донесени закони за кои опозицијата оцени дека ја гушат слободата и овозможуваат посилна репресија за какв било облик на протест.
Путин е роден на 7 октомври 1952 година во Ленинград (Санкт Петерсбург). Неговиот татко бил сериозно повреден во Втората светска војна, а брат му починал во нередите во градот во тој период.
Пред да влезе во тинејџерските години Владимир Путин почнал да тренира боречки вештини, комбинации на карате и џудо, а потоа продолжил со практикување на џудото. Во ноември 2013 година, во Сеул, претседателот на Светската теквондо организација, Чо Чунг Вон, го прогласи Путин за почесен мајстор по теквондо, со црн појас од деветти степен. На тој начин, Путин го надмина актерот Чак Норис, кој е носител на црн појас од осми степен.
Уште од тинејџерските години, Путин сакал да биде дел од тајната руска служба. Откако завршил средно училиште, се запишал на правен факултет, за што верувал дека ќе му ги зголеми шансите за вклучување во КГБ.
Во средина на 70-тите, додека бил во брак со првата сопруга Људмила, Путин бил регрутиран во КГБ, каде остана 15-тина година. Во 1984 година добил обука за шпион и бил испратен на мисија во Источна Германија – од каде требал да дава извештаи за активноста во Западна Германија и да регрутира странски студенти.
Но кога падна Берлинскиот ѕид, Путин и неговата фамилија се вратиле во својата татковина и овој период започна неговата транзиција во политиката. Тогаш се приклучил на тимот на градоначалникот на Санк Петерсбург Анатолиј Собчак и работеше како негов заменик.
Откако Собчак ги изгуби градоначалничките изборите во 1996 година, Путин се сели во Москва, каде две години подоцна застана на чело на ФСБ (служба наследник на КГБ). На 26 март 1997 година, претседателот Борис Елцин го именуваше Путин за заменик-шеф на претседателскиот кабинет, и на таа позиција остана до мај 1998 година. На 25 јули 1998 година, Елцин го назначи за шеф на ФСБ, каде се задржа до август 1999 година. Тој станал и постојан член на Советот за безбедност на Руската Федерација.
На 9 август 1999 година, Владимир Путин беше назначен за еден од трите вицепремиери на Русија, а по отпуштањето на Сергеј Степашин стана премиер, поставен од страна на Борис Елцин.
Тој течно зборува германски јазик, додека со англискиот потешко се снаоѓа.
Путин има две ќерки, но деталите од нивните животи се чуваат во најголема тајност. Тие биле запишани на факултет под други имиња, и непознато е со што се занимаваат и каде живеат.




