Автор, Пол Волерс, амбасадор на САД во Република Македонија
Денес, глобалната медиумиска слика се менува побрзо и порадикално од било кога порано во модерната историја, пред се’ поради напредокот на технологијата, како и поради силите на глобализацијата, кои го менуваат начинот на кој дневно пристапуваме и ги толкуваме медиумите. Но, и покрај новите форми и начини на известување, слободните и независни медиуми се она што секогаш и биле – клучен столб на демократијата. Темата за слободата на медиумите со право продолжува да генерира дискусии ширум светот, вклучувајќи ги САД и Македонија.
Предлог законите поврзани со медиумите, што моментално се во собраниска процедура, иницираа сериозни и добредојдени дискусии во Македонија во изминатиот период. Во духот на овој дијалог, што е се’ уште во тек, сакав да ги споделам нашите ставови за слободата на медиумите и за улогата и одговорноста на силни и слободни медиуми во едно демократско општество.
Важноста што ја придаваме на слободните медиуми во Соединетите Држави, се виде уште при основањето на нашата држава, со Првиот амандман на нашиот Устав, каде точно стои дека власта не може да ја ограничува слободата на говорот или на печатот, меѓу другите основни слободи. Томас Џеферсон истакна колку е важно да се штити слободата на печатот, кога рече, “Нашата слобода зависи од слободата на печатот и таа не може да се ограничи, а да не се изгуби”.
Денес, кога се појавуваат прашања за влијанието на владите врз медиумите, импулсот во Соединетите Држави продолжува да биде насочен кон заштитата на медиумите од мешањето на владата. Ние не се стремиме да и обезбедиме алатки на власта за да ги контролира медиумите, туку се фокусираме на тоа како најдобро да ги заштитиме медиумите од ограничувањата на властите. Нашата демократија опстана, бидејќи нашите основачи беа свесни дека иако секогаш треба да го очекуваме најдоброто од властите, истовремено треба да создадеме систем што го предвидува најлошото, а слободните и независни медиуми се една од најдобрите заштити што една држава може да ги има против прекумерната контрола на власта.
Важно е да се напомене дека слободата на печатот не значи бланко заштита за било кој – вклучувајќи ги и новинарите – кој ќе ги прекрши законите на земјата. Како и секој во општеството, и припадниците на медиумите мораат да бидат одговорни за своите постапки, а тие кои го прекршиле законот, мора да одговорат за тоа. Еден медиум што претендира да биде сериозно сфатен, мора да се придржува кон највисоките професионални стандарди и мора да сноси соодветни последици за клевета и навреда, со цел да се заштити приватниот граѓанин. Но, исто така, сметаме дека прекумерни парични казни или недоследна примена на стандардите за клевета неизбежно води кон самоцензура во медиумите и на тој начин го попречува слободниот проток на информации, што е од витална важност за јавноста да биде добро информирана.
Освен постоење на разумни ограничувања за заштита на приватноста на поединците, ние сметаме дека медиумите имаат потреба од тоа да бидат слободни за да ги анализираат и критикуваат постапките на општествените институции, особено на властите. Во САД постои високо ниво на толеранција за критики насочени кон владини претставници, критики кои во некои порестриктивни општества би можеле да се сметаат за клевета. Поранешниот судија на Врховниот суд, Тургуд Маршал, има кажано дека “Првиот амандман, пред се’, значи дека владата нема моќ да го ограничи изразувањето поради пораките, идеите, темите или содржината што тоа ги носи”. Секако, ние не сме единствени кои придаваме толкава важност на правото да се критикува власта; всушност, Европската конвенција за човекови права, што е дел од правниот поредок во Република Македонија, го содржи истиот стандард.
Пред да се воведе значајна промена во нешто што е толку важно за слободата на општеството, како што се медиумите, мора да се земат во предвид многу прашања и перспективи; станува збор за сржта на демократијата. Ја поздравуваме Владата на Македонија што минатата пролет не дејствуваше веднаш во врска со легислативата за медиумите, за да даде простор за поголем придонес од граѓаните на Македонија. Треба да се слушне мислењето на сите, бидејќи сите членови на општеството имаат интерес од крајниот исход. Се надеваме дека ќе се земат во предвид сите гледишта и дека крајниот резултат ќе бидат медиуми кои, како што рекол поранешниот сенатор на САД и судија во Врховниот суд, Хуго Блек, ќе постојат “за да им служат на оние со кои се владее, а не на оние кои владеат”.
Текстот објавен и во Утрински весник во рубриката Став




