Тврдењата на премиерот Никола Груевски дека владата нема ништо со случајот на притворениот новинар Томислав Кежаровски и дека тоа е работа на судството се неприфатливи за Дуња Мијатовиќ. Регионалната мрежа Балкан Инсајт го пренесува ставот на високиот претставник за слобода на медиуми на ОБСЕ.
„Политичкото раководство има одговорност да обезбеди атмосфера во која законите на земјата ќе ги штитат новинарите и тие нема да завршат во затвор поради своето пишување“, вели Мијатовиќ за Балкан Инсајт.
Изјавата на Мијатовиќ е одговор на писмото кое премиерот Никола Груевски и го испрати минатата недела и во кое тој и посочуви дека неговата влада не се мешала во работата на судството и во кое, меѓудругото, и порача и таа да има доверба во македонското судство.
“Иако јас имам целосна почит кон независното судство, јас сепак не можам да разберам зошто Кежаровски се држи во притвор“, вели таа и додава дека случајот на Кежаровски е единствениот во регионот во кој новинар го очекува своето судење зад решетки, вели Мијатовиќ.
Дуња Мијатовиќ како претставник на ОБСЕ беше еден од најгласните поборници за укинување на притворот наТомислав Кежаровски и неколку пати ја повика Владата да превземе итни мерки.




