Македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас, утре, во 10,30 часот по бугарско време, во Софија ќе ја имаат својата втора тет-а-тет средба, јави МИА, повикувајќи се на владини извори.
Новата средба меѓу двајцата премиери ќе се одджри на маргините на самитот ЕУ – Западен Балкан во Софија, на кој ќе се расправа за европерспективите на земјите од регионот.
Портпаролот на Владата Миле Бошњаковски на денешната прес конференција одговарајќи на новинарско прашање, ги негираше информациите објавени во дел од германските медиуми дека на средбата на Заев и Ципрас ќе присуствува германската канцеларка Ангела Меркел.
– Канцеларката Меркел со премиерот Заев ќе има одделен состанок, односно билатерална средба. Исто така ќе имаме средба и со францускиот претседател Макрон, но средбата Заев-Ципрас ќе биде меѓу нив двајцата, рече Бошњаковски.
Тој потврди дека средбата на Заев и Ципрас е закажана за утре во 10:30 часот по софиско време на маргините на Самитот во Софија.
Средбата меѓу премиерите Заев и Ципрас изминатите денови се најавуваше како клучна во процесот на решавање на спорот за името. Последните изјави, и од македонската, и од грчката страна, сепак, се воздржани дека токму оваа средба ќе вроди со конечен договор за името.
– Сакам договор за мојата земја, оптимист сум и еден од првите луѓе кој го сака тоа, но не можам да кажам дека имаме договор за прашањето за името, изјави вчера Заев и изрази надеж дека двете страни ќе постигнат договор.
-Успехот што досега го постигнаа министрите за надворешни работи е за почит. Се надевам дека токму на Самитот на ЕУ и Западен Балкан и на средбата со грчкиот премиер, ќе можеме да ги потврдиме досегашните успеси и, ако не друго, да проговориме за начините за изнаоѓање на решение, рече Заев.
Самит Софија: Преговорите за спорот, позитивен пример во регионот
Од Брисел, пак, истакнуваат дека договор нема да има оваа недела, но има добар напредок.
-Она што е важно е да има решение за грчко-македонскиот спор на почетокот на јуни, тоа би можело да е клучно за позитивна одлука на Европскиот Совет во јуни, изјави вчера висок дипломат во Брисел.