Полскиот претседател Бронислав Коморовски денеска од претседателот Ѓорѓе Иванов доби високо признание орден „8 Септември”.
Орденот му беше доделен поради исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и мирољубива, рамноправна соработка меѓу двете земји, како и афирмација и јакнење на меѓународната положба и углед на Република Македонија.
„Ние Полјаците знаеме дека патот кон стремежите не е лесен, и на Македонија и посакуваме успех. Честитаме за напредокот кој беше забележан во извештајот на Европската комисија (ЕК) од пролетта годинава. Полска секогаш поддржуваше и ќе поддржува определба за рок за започнување на пристапните разговори, бидејќи процесот на стабилизација на овој регион без Македонија е невозможен”, изјави полскиот претседател.
Македонија ја очекува искрената поддршка од Полска за евроинтеграциите, бидејќи сегашната статус-кво состојба не е во корист за никој, рече претседателот Иванов, нагласувајќи дека земјава од Европската унија (ЕУ) очекува еднаков третман кога се работи за евроинтеграциите.
„Имаме случаеви кога слично како Македонија, кога кандидатите кои биле блокирани, сепак за нив се донело одлука паралелно да се водат процесите на решавање на отворените прашања и на евроинтеграциите, очекуваме дека тоа ќе се примени и кај нас. Истото го очекуваме и од следниот самит на ЕК, и од советот на ЕУ, конечно Македонија да добие датум за почеток на стартните преговори со ЕУ”, изјави Иванов.
Полскиот претседател Коморовски е во официјална посета на Македонија на покана на претседателот Иванов. На средбата претседателите констатирале дека помеѓу Република Македонија и Република Полска нема отворени прашања. Станало збор за стратегиските прашања, коишто се однесуваат на евроинтегративните процеси на Македонија и интеграцијата во НАТО.
Полскиот претседател Коморовски според агендата денеска има работен ручек со премиерот Никола Груевски.




