
Ја кренавме Република Македонија како отворена, праведна, стабилна, земја на можности на пет столба. На столбовите за Економски раст, на столбот – Реформи, на столбот за Услужни институции, на столбот Едно општество за сите, и на столбот на нашите стратешки интереси – Членство во НАТО и Европската Унија, изјави премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција пред споменикот на паднатите борци по повод една година од работењето на Владата.
При тоа, тој наведе дел од реформите во сите пет столбови.
Враќање на довербата во институциите е обележје на Владата
Како една од обележјата на оваа влада, рече Заев е започната темелна реформа за враќање на вербата во институциите, за правна сигурност и заштита на правата и слободите на граѓните.
– Нема веќе притисок врз судиите. Судските процеси се отворија пред граѓаните. Го зголемивме бројот на електронски услуги. Применуваме современи информатички технологии и дигитализација за обезбедување побрзи, поедноставни и лесно достапни услуги за граѓаните. Ја вративме довербата во полицијата. Заврши полициската држава. Сега полицијата е заштитник и пријател на граѓаните, а маалскиот полицаец, позорникарот, е пријател од соседството. Во делот на реформа на полицијата, воспоставивме независен надворешен механизам за контрола на нејзиното работење. Промените се најдлабоки во делот на безбедносните и разузнавачките служби. Во интерес на гарантирање на законитоста, заштитата на човековите права и безбедноста на државата и граѓанинот и за враќање на довербата во системот, рече Заев.
Во делот на професионализација на јавната администрација, премиерот кажа дека Владата спроведува политики за професионална јавна администрација како сервис за граѓаните.
Промените се чувствуваат во квалитетот на услугите за граѓаните
Учениците, родителите, наставниците и професиорите се едни од првите сведоци на промените. Укинато е екстерното тестирање, ја ревидираме Кембриџ програма. Внесуваме промени со помалку часови и помалку предмети за учениците, и нов закон за високо образование, рече премиерот и ги спомена сите промени во делот на услугите кон граѓаните, за како што тврди Заев се квалитетни и достапни за секого.
– Околу 50 проценти од лековите на рецепт од оваа пролет се со намалена цена. Со тоа заштедуваме 2.4 милиони евра. Преку заштедите се овозможува проширување на позитивната листа на лекови за терапии и за други, дополнителни, дијагнози. После 20 години заборав, решено е животното прашање на 5.000 стечајци. Ја започнавме имплементацијата на Младинската гаранција за зголемен опфат и вклучување на младите невработени лица на пазарот на трудот. За првпат се применува програма за персонална асистенција на лица со попреченост, за прв пат имаме програма за ослободување од здравствена партиципација за деца од семејства-корисници на социјална помош. Обезбедивме нови 300 вработувања во центрите за социјална заштита и во градинките. Воведовме двосменско работење на градинките. Самохраните родители се ослободени од плаќање надоместок во градинки, истакна премиерот Зоран Заев.
Поголеми плати за подобар живот
Деведесет илјади граѓани денес земаат повисока минимална плата. Најмалку 2000 денари повеќе, секој месец. Просечната плата во Македонија е повисока за 5.6 отсто во споредба со истиот период лани. Со мерките од Планот за економски раст, оваа, 2018 година, е година на финансиска стабилизација на земјата, рече премиерот Зоран Заев осврнувајќи се на прашањата од економијата.
Тој потсети дека во Буџетот за 2018 година е определена 3.1 милијарда денари за програмата за економски развој на земјата како и 645 милиони денари за поддршка на малите и средни претпријатија. Според владините пресметки за една година од работењето на Владата, на сите земјоделци, на кои земјоделството им е основна дејност и имаат приход до 1 милион денари во тековната година, персоналниот данок ќе им биде вратен во целост.
– Струјата поевтини, нема радиодифузна такса, пораснаа субвенциите за земјоделците. Постигната е највисока просечна откупна цена на тутунот. Грозјето, индустриските и есенските и зимски култури лани поминаа добро и со пласман и со цените. Зелката, доматите, краставиците се продаваат по пристојни, задоволителни цени. Се градат нови 800 километри патишта. Се градат железниците од Коридорот 8. Се одвиваат градежните работи за гасификацијата. Граѓаните од 34 општини ќе добијат водовод и канализација и со тоа покриваме 40 отсто од населените места за разлика од досегашните 18 отсто, кажа премиерот Заев.
Македонија, држава во која законот важи еднакво за сите
На денешната прес конференција премиерот Зоран Заев се осврна и на законот за употреба на јазиците, со кој како што рече не само што се обезбедува соодветна употреба на македонскиот јазик, туку се обезбедува и правична употреба на јазиците на остатите заедници во земјата. Во однос на политиката кон соседите, тој рече дека Македонија конечно има одлични односи со сите пет соседни држави.
– Завршија политиките од минатото што стимулираa нетрпеливост. Нема реваншизми, нема партиски поделби, нема етнички поделби. Во таа насока го предложивме Закон за употреба на јазиците, со кој ќе се прошири употребата на службениот јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните. Владата ги продолжува разговорите со Грција. Никогаш не сме биле поблиску до решение, а пријателството меѓу двете земји и двата народи никогаш не било поголемо. Македонски јазик е потврден. Идентитетот наш македонски е потврден. Рековме, ќе има референдум. Граѓаните го имаат конечниот глас на референдум. Но, граѓаните чекаат лидерство, а вистински патриоти денеска се тие што обезбедуваат иднина на граѓаните.
Прашан дали договорот со Бугарија ќе значи менување на македонската историја, Заев рече дека Македонија денес е пријател со сите пет соседи. После потпишувањето на договорот за пријателство со Бугарија, потенцираше тој, трговијата меѓу двете земји пораснала за 11.5 отсто.
Според Заев, сега, на граѓаните им претстои да испишат „ново поглавје во историјата на нашата земја. Четврт Илинден. Историјата која гледа напред, во иднината“.
За името
Прво ратификација на договорот па референдум
Договорот е нешто зад што застануваат двете влади и веројатно парламентарното мнозинство, а се надевам, заедно со опозицијата. Но, секако сите треба да знаат дека конечен е референдумот. Крајот на септември, почетокот на октомври, веројатно е соодветното време, изјави премиерот Зоран Заев прашан зошто пред референдумот прво ќе се ратификува Договорот во Собранието со 61 пратеник.
Во врска со конкретна одредница што ќе биде вментната во името „Република Македонија“, Заев рече дека уште ништо не е договорено и дека најдоцна до петок ќе оствари средба со грчкиот премиер Алексис Ципрас за која јавноста ќе биде соодветно информирана.




