Мошне плодна средба, содржаен разговор во кој уште еднаш потенциравме дека двете министерства за одбрана и армии треба поинтензивно да продолжат со директните контакти и конкретна соработка и со тоа да придонесуваат кон приближување и на армиите и народите без оглед на политичките проблеми кои ги засегаат двете држави.
Вака министерот за одбрана Талат Џафери ја оцени неговата прва официјална и тет-а-тет средба со грчкиот колега Димитриос Аврамопулос што се одржа денеска пред примопредавањето на должноста командант на мултинационалната бригада на Југоисточна Европа СЕЕБРИГ што се одржа во Лариса, Грција, јавува МИА.
– Како две министерства за одбрана не се најдовме во можноста и не видовме потреба да разговараме за политичкиот проблем. Заеднички цениме дека тоа е работа на двете влади коишто треба да ги приближат ставовите. Во тој контекст, заемно сметавме дека ние треба да се концентрираме околу надлежностите и активностите на министерствата и на армиите и со тоа да придонесеме кон приближување на ставовите, изјави Џафери одговарајќи на новинарско прашање дали на средбата со Аврамопулос разговарале и за прашањето за името и за членството во НАТО.




