Владимир Пешевски, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и напиша писмо денеска на ковоскиот вицепремиерка Мимоза Кусари. Еве го интегралниот текс од писмото:
Почитувана г-ѓо Кусари
И јас и Вие сме сведоци на една прилично непријатна ситуација во која се најдоа нашите држави во текот на последните неколку дена. Во јавноста во двете земји кружат различни информации и постојат многу различни мислења околу мотивите, причините, фактите и аргументите врз кои се базира актуелната ситуација. Тоа предизвикува забуна и не придонесува за надминување на состојбите.
Мислам дека на граѓаните им ја должиме вистината. Затоа Ве поканувам и повикувам на заеднички телевизиски настап, уште денес, каде што пред очите на јавноста ќе може да ги презентирам нашите аргументи а граѓаните да извлечат заклучок. Тој телевизиски заеднички настап може да биде на Алсат телевизија, или на телевизија која Вие ќе ја посочите, а зрачи и во двете држави.
Оваа ситуација заслужува транспарентност, а и цврсто верувам дека и нашиот разговор пред очите на јавноста ќе придонесе за надминување на предизвиците. Конечно, тоа ќе придонесе и за надминување на сегашната ситуација и ќе помогне да се спречат вакви слични непотребни проблеми во иднина.
Со почит,
Владимир Пешевски
Заменик на претседателот на Владата
на Република Македонија задолжен за економски прашања




