Премиерот Заев денеска во Собранието го образложи предлогот за нови министри.
За нова министерка за правда се предлага Рената Дескоска, за министер за образование и наука Арбр Адеми, за култура Асаф Адеми за култура и за министер без ресор Бардил Даути.
За заменик министер за надворешни работи е предложен Андреј Жерновски, за заменик министер за здравство Асим Муса, за заменик министер за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар и за транспорт и врски Садик Беќири.
Како нови коалициски партнери во Владата влегуваат крилото на Беса на Африм Гаши и ДПА, кои имаат министерски места, како и Сојузот на Ромите.
– Зад нас е точно една година од работата на Владата на РМ. Ја оставаме зад нас длабоката политичка криза со отворање на длабоки сериозни реформски процеси за да ја вратиме довербата во институциите и демократскиот амбиент, рече Заев, кој потенцира дека Македонија од земја во изолација со политички тензии стаса до реално членство во НАТО и за сосема извесен датум за преговори со ЕУ.
За него, кажа се разбирливи критиките што произлегуваат од високите очекувања, и оти критиката ја сфаќа како можност за корекција на власта. За структурини реформи какви што започна оваа Влада, кажа Заев, неопходно е малку повеќе време имајќи ги предвид последиците од разурнатиот систем.
– Системот го регенериравме од внатре во самите институции, рече премиерот.
Тој изрази задоволство од постигнатото и посочувајќи дека Владата работи согласно околностите во кои се најде и во кои се наоѓа Република Македонија.
– Ги уверувам граѓаните дека сме на вистинскиот пат, се движиме во добра насока, и во тоа ќе бидат уверени сите граѓани на нашата земја знаејќи дека ни претстојат сериозни реформски активности, реализација на големи одлуки од пресудно значење за РМ. Еден добар период поминавме и во консолидација на политичкиот амбиент, во создавање на услови за јакнење на парламентарното мнозинство да создадеме колку што е можно поголемо одобрување и прифаќање на одлуките што ни доаѓаат многу скоро, рече Заев.
Ова се одлуки, кои ја определуваат иднината и историјата на нашата заедничка држава.
– Во овој дом на демократијата наскоро ќе бидат ставени на одобрување одлуки кои за РМ ќе донесат повеќе надеж, благосостојба и просперитет на сите нејзини граѓани. За да тргнеме со цврсти и сигурни чекори во новите претстојни реформски активности во реализација на големи одлуки што стојат пред нас со јакнење на парламентарното мнозинство и ја прошируваме партиципацијата на нови репрезенти на тоа мнозинство и во самата Влада. Истовремено го одржуваме и најважниот реформски процес во правосудството со една ротација што овозможува Министерството за правда да го преземе Рената Дескоска, објасни премиерот пред пратениците.
Илија Димовски од ВМРО ДПМНЕ, по обраќањето на премиерот, реконструкцијата ја нарече пазарџиска, без политичка содржина и порака.
-Она што не го правите денеска е реконструкција во ресорите каде нема резултати или има потфрлување. Тука ќе ги споменам скандалите со труд и социјала, економскиот сегмент и други министерства. Вие лично од денеска ја преземате одговорноста за скандалите и нефукнционирањето на министерствата, рече Димовски.
Според него, реконструкција по една година треба да опрати реално признавање наслабостите, но со оваа реконструкција, според пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, тоа не се демонстрира.
Димовски рече дека на овој начин Заев се обидува да вкопи други албански партии во владата од како што рече, други цели кои ќе следуваат, а не за подобри резултати. Димовски забележа зошто министрите кои поднесоа оставки денеска не се во Парламентот да кажат зошто.
Премиерот Заев реплицираше дека го разбира тоа што го зборуваше пратеникот бидејќи доаѓа од опозициска партија, потенцирајќи дека кога зборувал за сомнеж за корупција се однесувало на членови на извршан власт, а не за министри или за заменици министри. Побара да не му се извртуваат зборовите и потенцираше дека стои зад се што кажал и оти резултатите за граѓаните се видливи. Кажа дека сега од позиција на премиер понекогаш се воздржува и внимава на зборовите што ги користи.
– Драго ми е што почнавме дијалог за реформите што првите чекори заедно ги направивме. Реформите почнаа во судството, во безбедсносниот сектор, се надевам ќе продолжат во медиумите овде (во Собранието) каде што застанаа, кажа премиерот.
Според Драган Данев, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ оваа влада во меморијата на граѓаните ќе остане запаметена како „ќе влада“, за граѓаните да веруваат дека реформите ќе се случат. За него оваа реконструкција е козметичка, а не суштинска бидејќи не се менуваат министрите кои не постигнале резултати.
– Не бива напредок со козметика. Имате тим што за една година не постигна ништо, рече Данев, кој зборуваше и за забелешките за реформите во документот неодамна објавен, но и за рејтинзите на власта.
Горан Мисовски, пратеник од НСДП и потпретседател на Собранието му порача на Данев дека пред да почне да зборува за криминал и корупција треба да се огради криминалот на претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и оти затоа актуелниот лидер на партијата Христијан Мицковски и партијата го имаат сегашниот рејтинг.
Во тек е дебата по предложените кандидати.
За новите министри гласањето треба да заврши до полноќ. Доколку изборот е направен порано, Собранието ќе се изјаснува и за предложените заменици министри.
Во спротивно, можно е седницата да продолжи утре, в сабота.
Претходно пратениците изгласаа одлука за распишување оглас за избор на членови на ДИК.




